„Менаџер на годината“: Живко Мукаетов, претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје

135

ИМАМЕ ВИСОКИ ОЧЕКУВАЊА ДЕКА И ВО 2023 ГОДИНА ЌЕ УСПЕЕМЕ ДА ПРОДОЛЖИМЕ СО ТРЕНДОВИТЕ НА РАСТ НА КОМПАНИЈАТА

Наградата „Менаџери на годината“ се доделува на лидери во секоја смисла на зборот, оние кои инспирираат, оние чија извонредна визија ја подигнува компанијата на повисоко ниво, оние кои постигнуваат исклучителни резултати, оние кои стојат зад успешни општествено одговорни компании. Живко Мукаетов, Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје е дел од успешните менаџери во Македонија, оние кои по изборот на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press заслужено го добија ова признание за 2022 година.

– На крајот сме на една деловна година исполнета со голем број очекувани, но, за жал, и со целосно неочекувани предизвици и турбуленции. Здравствената криза, во согласност со очекувањата, премина во економска, но уште на почетокот од годината стана јасно, од добро познати причини, дека економската криза дополнително ќе се продлабочува и дека ќе добива нови размери. И покрај сѐ, АЛКАЛОИД успеа да најде начини и можности да ги неутрализира актуелните ризици. Притоа, во согласност со досегашните остварени резултати, очекуваме повторно да забележиме пораст кај клучните параметри во споредба со минатата година, а со тоа и уште една успешна година.

Што се однесува до 2023 година, во согласност со најавите и гледано од глобален аспект, треба да се очекува дека ни претстои уште потешка година, исполнета со многу тековни предизвици, чиј интензитет е тешко да се предвиди. Ќе доминираат инфлацијата, високите цени на енергенсите и растот на каматните стапки, кои ќе го отежнуваат економскиот амбиент. Тешкотиите кај синџирите за испораки и кај достапноста на одредени материјали ќе продолжат, исто така. Но, сепак, благодарение на нашиот најскапоцен ресурс – луѓето, инвестициите насочени спрема истражување и развој, зголемувањето на производствените капацитети и на новите технологии, на конкурентното производствено портфолио и ширењето на пазарите, докажаниот квалитетет на нашите производи и на алкалоидовиот бренд, имаме високи очекувања дека и во 2023 година ќе успееме да продолжиме со трендовите на раст на компанијата. За остварување на овие цели ќе бидат неопходни и нови вработувања, што ќе доведе до раст на бројот на вработените, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на нивните знаења и вештини и во градење таленти.