Д-р Маја Мојсова-Мијовска е специјалист анестезиолог и е раководител на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Скопје. Истовремено е и Национален координатор за трансплантација. Избрана е за доцент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. По многубројните успеси стана и жена на годината во Македонија за 2021 година. Маја е сопруга и мајка која полни батерии и се релаксира со семејството, со долгогодишните пријатели, но и со добра музика. Професорката д-р Весна Мојсова-Чепишевска, пак, е добитничка на наградата „13 Ноември“ на град Скопје за 2022, за монографската публикација „Конески како тестамент“ и континуираните остварувања во областа на културата. Таа е книжевен теоретичар, критичар и редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. Приватно, пак, Весна е реализирана како сопруга, мајка и баба. Најголема релаксација ѝ се внуките од ќерката, седумгодишната Илина и петгодишната Дарија

Вие сте две сестри. Секоја успешна во својата област. Едната во афирмација на македонскиот јазик, а другата во областа на трансплантацијата и спасување на човечки животи. Како се случи да тргнете по овој пат кој денеска Ве става на врвот на вашите професии? 

Маја: Генерално, не бев сигурна дека ќе студирам медицина, до некоја моја трета, четврта година средно, кога веројатно ми се оформи мислењето дека медицината е мојот позив. Што се однесува до анестезиологијата, искрено, во тие студенски денови немавме многу познавања што во суштина значи таа. Анестезиологијата е млада гранка во светски размери и кај нас, а Клиниката за анестезиологија е оформена пред триесетина години. Ја засакав поради тоа што во суштина ја има целата медицина во себе. Генерално, можеби јас сум зависник од адреналин во животот, па тој адреналински поттик е мојата движечка сила. Со анестезиологијата во суштина си доктор 24/7 и тоа 365 дена во годината. Не само кога си на работа, консултативно си секогаш тука за луѓето, за колегите кога имаат проблем. Човековиот организам, во суштина, е совршен како една машинерија во која треба да се знаат сите делови и како тие функционираат. Медицината за мене е совршена, преубава наука и затоа со љубов ја работам, а тоа што се работи со љубов е половина пат до успехот. Да, многу сум вложила лично во себе, сум имала свои визии кои што сум си ги остварувала како стручен претстој, грантови, стипендии коишто сум ги добила за органодарителството и трансплантациите. Инаку, во животот можеби сè покасно ми се случувало. Подоцна сум станала и мајка, а во медицината подоцна сум си ги откривала работите кои ме интересирале, но сепак мислам дека мојот правец бил природен и сама сум ги пронаоѓала своите афинитети и сама сум се градела во однос на одредени едукации и визии што сум ги имала. Трансплантацијата е една од нив. Тоа не е случајно. Јас 10 години работам на ова поле. Прво со едукација во Загреб и Барселона, што го добив како грант од Светската трансплантациона асоцијација кога напишав есеј каде ја гледам Македонија во органодарителството и трансплантацијата и очигледно не сум се излажала. Тогаш за мене можеби беше недостижно, но човек треба да тежнее кон недостижното. Многу колеги во моето опкружување велеле дека ова никогаш нема да успее, јас бев воздржана и велев – ќе видиме. Сметам дека пациентите кои што чекаат органи во Македонија заслужуваат да добијат орган како и секаде во светот. Но, Македонија е на мапата на органодарителството и како опшество добивме поголема димензија, а тоа е многу поважно.Човечката димензија на дарување кажува многу повеќе за граѓаните што живеат во нашата земја.

Доц. д-р Маја Мојсова-Мијовска

Лесно е да даруваме на некој што го сакаме, но на некој што не го познаваме да даруваме е еден вид на највисока човечка емоција.Токму таа димензија е мојата движечка сила, дека допираме до граѓаните и тие разбираат дека прават добро дело. Се работи за опшествено одговорна димензија која овозможува на пациентите да им се даде живот. Јас не ги познавам пациентите, но тие се мојата сила. Настапува мозочна смрт, пациентите се на интензивно лекување, но нашиот позив не застанува тука, ние со самото органодарителство продолжуваме да спасуваме животи кои не се поврзани со тој пациент, ама тој пациент може да им помогне. Не само што се гради граѓанската свест, се гради и свеста кај здравствените работници. Овие резултати се мал чекор во суштина, а голем за човештвото. Сега во регионот Македонија е најдобра во органодарителството , без Хрватска која што е во ЕУ. Понапред сме и од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово и Црна Гора. Првата трансплантација на срце беше 22 кон 23 мај 2020 година во време на корона кога имаше протоколи, полициски час … Можеби после короната и после трансплантацијата ќе станеме подобри луѓе и подобри лекари. Времето ќе покаже…

Весна: Морам да кажам дека ние во семејството сме секој своја индивидуа со свој успех. Татко ми е фудбалер, мајка ми работела во банка, и во денешно време сигурно ќе била жена менаџер, бидејќи одлично менаџира со парите. Сестра ми е лекар, доктор на науки, јас сум универзитетски професор, наставник, предавач… Понатаму ако тргнам во однос на моите деца, мојата ќерка е дефектолог –логопед, а синот е металуршки инженер. Не знам што ќе биде синот на Маја. Сите се разгранивме. Мора да кажам дека наставничките по македонски јазик ни биле од оној стар ков, а учев во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Во принцип кога бев на крај на средно во четврта година, секако почнав да размислувам за книжевност. Иако сите ми викаа: „Дете, зошто тоа, толку добар ученик си, студирај право, економски, медицина…”.  Дури си мислев, ќе ја згрешам професијата. Истото ми го зборуваа и моите, но сестра ми, иако беше помала, ми велеше: „Што ги слушаш што ти кажуваат, ти самата одлучи”. Тогаш, кон крајот на осумдесетите, имаше приемни испити граматика и познавање на книжевност од прва до четврта година и тоа беше навистина сериозно и стресно и имаше голема конкуренција.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска

Бидејќи се учеше Јужнословенска книжевност, имавме доста потенцијални студенти од Јужна Србија, кои исто така студираа во Скопје. Сите бевме конкуренти и да положиш беше престиж. И морам да кажам дека бев прва со сто бодови. Тоа се тие моменти кои уште во рана фаза покажале дека сум направила добар избор на професијата. Во принцип никогаш не се каам бидејќи професурата не е некоја платена професија, но дава големо задоволство. Ја сум најсреќна кога сум во училница, кога сум со студентите на испит. Не ми е проблем да го оценам нивното знаење, туку сакам да раговарам со студентите. Тоа ми е предизвик и барам многу знаење. Нема ништо во професијата што не можеш да го направиш. Ако вложиш многу труд, ќе ти се врати.  

Дали од мали нозе Маја сакала да стане лекар, а Весна – професорка?

Маја: Поминав низ многу фази од стјуардеса, манекенка, фотомодел, ама никогаш не се пронаоѓав во тој дел. Мене ми лежеле природните науки, па дури и математика и физика кои со леснотија ги совладував. Заинтересирана бев и за ветерината, бидејќи имам посебен однос кон животните, можеби и тука ќе се пронајдев. Јас имав еден здравствен проблем на слет во Белград и ме примија на ВМА каде што како пациент лежев 10 до 15 дена. Можеби тоа беше кликот, иако беше стресно. Но, имаше многу наши војници лекари кои таму го служеа војниот рок и ме прошетаа низ целата болница и ме запознаа со сè што се лекува таму. Јас како пациент почувствував што значи здравството и тука се роди таа љубов кон медицината и мојот позив. И повторно да се родам не би сменила ништо, иако патот не ми беше лесен. Имав многу пречки, но никогаш не се откажував, бев упорна и одев до крај. Јас цел живот сум упорна и сè што направив направив сама со својата упорност. Нема да бидам скромна, можеби го избрав потешкиот пат, ама тој е мој и секој чекор што го направив вреди.

Весна: Во принцип и јас како мала не сум имала впечаток дека ќе се занимавам толку стручно со јазикот, со книжевноста… Кај мене немало никаква посебна желба, но кога ќе се сетам, јас сум имала две извонредни учителки – Цвета Бошњак и Ружа Тозија. Тоа беа двете учителки во некогашното „Браќа Рибар“ сега „Димитар Миладинов“. Се сеќавам штотуку научена да пишувам, на крајот на прво одделение, Цвета Бошњак нè фатила за рака и ќе нè носи во Зоолошка градина. Тоа беше доживување, и кога се вративме ни вели, сега кога ќе отидете дома да напишете состав како си поминавте. Јас не се сеќавам на составот, но мајка ми кажува дека Цвета утредента кога и го дадов домашното, и кога го прочитала, ѝ рекла на мајка ми „од ова дете или ќе биде новинар или професор или писателка“. Потоа од петто до осмо наставничка ми беше Нада Малевска. И тогаш не сум мислела дека сум нешто посебно заинтересирана за македонскиот јазик и литературата. Мислев дека е нормално да знам убаво да зборувам и убаво да пишувам. Наставничката ме поттикнуваше да учествувам на разни конкурси, не само на ниво на Македонија, туку на ниво на цела Југославија. Добив и награда на ниво на Југославија за една песна која беше напишана на македонски јазик. Таа беше рамноправно оценета и бодувана со сите останати јазици. Но ниту тогаш не кажав дека ќе студирам и дека ќе бидам наставник.

Што е она што би издвоиле како најинтересни и најзначајни моменти од вашиот приватен живот, но и на професионален план?

Маја: Три моменти впечатливи имам во животот и сите три се поврзани со трансплантацијата. Првиот се однесува на согласноста за трансплантација во 2013-2014 година од семејство кое имаше седум браќа и сестри кои ги чекавме од Шведска, а кои даруваа бубрези и правевме трансплантација. Вториот момент е првата трансплантација на срце која многу ме исцрпи, но ми даде голема надеж заради тоа што го видовме човечкото во луѓето и еден човек доби срце и два бубрега и сега тој живее со тие органи. Трансплантацијата е тимска работа и без секое делче од сложувалката, таа нема на крај да се склопи и да ја видиме целосната слика. На крај, третиот момент е првата трансплантација на црн дроб во кој сум видена со своите емоции по тој еден тимски аплауз, на којшто на крајот си го дадовме на себе. На крајот, цел тим плачевме. Тоа е момент којшто цел живот се памети. Трансплантацијата на црниот дроб траеше четири часа, иако претходно имаше многу подготовки на примателот на органот. Црниот дроб е лабораторија на организмот и ако го нема, сите системи во организмот може да се нарушат и во моментот кога црниот дроб се вклучува во сите органи настануваат страшни пореметувања кои треба да ги следиш во минута. Тоа е една брканица со времето и со резултатите. Тоа е многу стресно, но истовремено беше и многу уиграно како да не ни е првпат. Секое одење дома на трансплатираните пациенти е момент за паметење. Сега тој е дома и добро се чуствува. Иван, пак, на кој му го пресадивме првото срце е работоспособен и сега работи на Кардиохирургија токму кај пациентите каде што тој се лекуваше.

Весна: Не можам да кажам како сестра ми дека имам три највпечатливи моменти. Мене секој ден ми е впечатлив. Зошто? Затоа што секој ден сум дел од многу настани во културата. Ми беше предизвик кога добив можност да бидам директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Иако претходно сум се покажала дека можам да менаџирам, бидејќи многу млада бев продекан за настава на Филолошкиот факултет. Имав само 36 години, а се нафатив да бидам продекан и тоа го водев секторот продекан за настава, кој е најтешкиот сектор. Тогаш се воведуваше Европски кредит тансфер систем (ЕКТС), се правеше реорганизација на ниво на целиот Универзитет и навистина тие четири години беа на мој грб. Потоа реков доста е – не сакам повеќе ова. Ова со Меѓународниот семинар сега е особено впечатливо, бидејќи успеавме по 15 години од последниот отворен лекторат за македонски јазик во Риека, кон крајот на февруари да почне и лекторатот во Анкара. Тоа е еден долгогодишен процес и се надевам дека ќе бидам дел и од тој свечен чин на универзитетот во Анкара. Нареден предизвик е да видам и лекторат во Тирана, затоа што има добра иницијатива, има едно извонредно друштво на Македонците од Албанија „Илинден“, кои сакаат да се врати лекторатот, бидејќи имало некогаш, но што се случило, не знам. Меѓутоа сега е време да им се даде можност да се изучува македонскиот јазик, па можеби ќе се случи и во Грција за десет – петнаесет години, па ќе се релативизираат и односите со Бугарија, не знаеме, но треба да гледаме на светли работи. Може сега лекторат во Грција е вау, како и трансплантација пред десетина години, и не мора да е врзано со мене и со мојот тим, има други кои ќе рабоат по нас.

Што работите во моментов и што е она што го окупира Вашето внимание, а ќе биде дел од Вашите понатамошни професионални достигнувања?

Маја: Јас постојано учам, никој не може сè да знае, тоа е процес што ќе трае до крајот на животот. Во изминативе четири години ја развиме трансплантацијата, но не само на срце, бубрези и црн дроб, туку и коскените ткива и отворивме банка на која сега работиме и ги поставуваме стандардите. Дел од идните планови е да отвориме банка за рожница и за васкуларни графтови, додатоци кај пациенти што не можат да имаат вештачки трансплантанти во однос на крвните садови. Тоа подолго ќе трае зошто ќе треба да се стандардизира. Работам и на работи кои што се поврзани со поглавјето 28 од Европска унија кое што бара квалитет на крв и крвни продукти и органи. Ќе мора да работиме на тоа во однос на следењето на реципиентите и можеби некогаш од донорите да примат некоја болест која во моментот нас не ни е видлива. Ние не сакаме живите донори да бидат загрозени. Работиме на тие регистри и да може до ЕУ да ги доставиме нашите резултати. Последниот извештај на ЕК кои се однесува на здравството напредок е виден само во трансплантацијата и таа е издвоена. Во една реченица е тоа ставено, но мене многу ми значи. Истражував каков е односот на религиите кон трансплантацијата. Еврејската религија и нивните духовни водачи вели кога ќе спасиш еден живот, мисли на тие што даруваат е како да го спасиле целото човештво. Јас се сложувам со Тоа, тој еден живот дава надеж на сите нас дека сепак сме останале луѓе или треба да останеме луѓе, таа љубов е движечката сила. Сите сме смртни ова е единствениот начин да станеме бессмртни или дел од тебе да живее подолго во некој друг човек. Тоа е врвот на благородноста и човечкото. Мој иден план е Еуротрансплант кој можеби е далеку, ни треба цел процес, но би одела на некој Балкантрансплант. Ако имаме Отворен Балкан да направиме некој договор на тоа ниво и да го прошириме нашето знаење и да помогнеме на некој друг. Соработката со другите земји е значајна, да спасуваме животи, тука некаде на Балканот. Оваа моја визија е пореална, само да има луѓе да ме поддржат во тоа…

Многу сакаме да се делиме на патриоти и непатриоти. Сочувување на јазикот и негување на јазикот, сакање на државата, дигање на свеста за одредени проблематики како крводарителство… тоа е чист патриотизам.

Весна: Ова што се случува и што го правиме со Меѓународниот семинар за македонски јазик всушност го гледам како голем предизвик, бидејќи сфатив дека на македонскиот јазик малку му е тесно во Македонија. Затоа треба да покажеме колку е и колку постои и надвор од Македонија. А дали постои, од каде произлегол, кому и зошто да докажуваме?! Не ме интересира што рекле Бугарите и зошто им пречи македонскиот јазик од каде и како произлегол. Тоа е нивен проблем, тоа не е мој проблем. Јас како професор по македонски јазик и сите ние знаеме од каде произлегол и затоа тука ништо не треба да докажуваме. Ме нервира прашањето што ќе правиме со Бугарите. Ништо нема да правиме и не треба. Тие нека си прават со себе, тие не расчистиле со себе дека постои посебен јазик кој се вика македонски јазик и редица прашања кои произлегуваат токму од тој јазик на кој што се гради нашата култура. Дали постои македонска култура – постои, дали постои македонска литература – постои. Што јас треба на нив да им докажувам. Ако не постои, зашто се преведуваме?! Јас не ги разбирам, тоа е политиканство. Право на секој човек е на кој јазик ќе зборува, како ќе се развива, на кој јазик ќе го гради идентитетот… Затоа треба да го чуваме јазикот, да го изучуваме правилно, да им вградиме љубов на помладите кон македонскиот јазик… А на прашањето како да го заштитиме јазикот, ќе речам тој си е заштитен со самото тоа што и ова интервју се случува на македонски јазик. Бидејќи јас секако сум и професор, предавам и книжевност за деца, треба да им се навратиме и на децата, да се навратиме на читањето на приказни пред добра ноќ. Исто така треба да мислиме на македонскиот јазик и надвор од границите на државата. Европско право е секој да се изразува на својот јазик, да пее песни на својот јазик, да пишува, да создава литература. Тоа не значи дека не е граѓанин на Европа, дека не ја почитува државата во која живее. Хрватска на пример, е многу напред во трансплантација, но и во човековите права.

Зашто Бугарија не може да биде барем блиску до почитување на малцински права? Тоа не е мешање, тоа е само подавање на рака на тие луѓе што чувствуваат дека сме ги заборавиле. Еве и во Норвешка се собрале интелектуалци кои чувствуваат потреба дека нивните деца, внуци треба да учаат на македонски и притоа создаваат можности. Сега и таму од 10 јануари до крајот на јуни секоја сабота ќе имаат настава по македонски јазик, ќе се учи јазикот, литературата, културата. Затоа, да го негуваме сите јазикот подеднакво, ама да му дадеме право и надвор од границите.

За крај што ве релаксира по напорната работа, книга, музика, филм, театар… или можеби релаксацијата ја наоѓате во кујна?

Маја: Ме релаксира музика и играње на музика. Јас можам да шизам и така се релаксирам. По дома имам слушалки и додека готвам си слушам музика за да се релаксирам. Готвам интересни јадења што сум ги видела на интернет. Сарма нема да виткам, мора јадењето да е интересно, ново и брзо да се направи, а да е вкусно и здраво. Иако за жал за ова немам многу време. Одам и на вежбање два до три пати неделно. Имам екстра енергија и сакам да се „издувам” и да ги извадам од мене негативните осцилации што ги примам од секаде. Некогаш јога, пилатес, некогаш нешто што мене ми годи. Трета релаксација e со пријатели кои што навистина ми значат и со семејството полнам батерии. Со луѓето што ги сакам и ме сакаат, како што се пријателствата што траат со години.

Весна: Мене најголема релаксација ми се внуките од ќерката, седумгодишната Илина и петгодишната Дарија. Во часовите поминати со нив ништо не ми е тешко. Толку многу ме опуштаат дури и кога треба да ги однесам некаде. Еве сега гледавме Светско првенство во фудбал и сите навиваа за Франција, а јас мора да признам дека навивав за Аргентина. Затоа што Меси ми е пример. Внуките ми се јавија дома, ми викаат срам да ти е, ти си против нас, навиваш за Аргентина. Плачеа двете, бидејќи едната го сакала Мбапе, другата го сакала Жиру, и на крај им викам: Не се нервирајте, ако победи Аргентина јас ве водам на ручек, ако победи Франција вие ме носите на ручек. Сега викаат: Од ова сè, најдобро е тоа што ќе нè носиш на ручек. Инаку, јас имам повеќе време од Маја, сакам да готвам, но „не паѓам во несвест” од правење јадења. Сега има сè да се купи, доколку немаме време да подготвиме.

Валентина МАРЈАНОВИЌ

Даниела ТРАЈКОВСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ