МАФИЈАШКА ПРЕСМЕТКА  ВО КАФУЛЕ ВО СКОПСКА ЧАРШИЈА- Како во сцена од „Кум“: пет лица со фантомки убиле двајца пукајќи им во глава  

Двајца убиени и еден ранет е исходот од вооружениот напад кој што како по филмско сценарио се случи во понеделникот вечерта во угостителски објект во Старата скопска чаршија. Официјално според полицијата, убиството го извршиле петмина вооружени напаѓачи кои биле облечени во црна облека со  „фантомки“ на глава. Денеска , портите на локалот Шиша бар каде што се случи двојното убиство останаа затворени за посетители, а преку стаклото можеше да се забележат маси полни со пијалоци и неистресени пепелници. На еден од аглите на објектот од надворешната страна има безбедносна камера од која снимениот материјал ќе биде прегледан од истражните органи.  

125
Фото:МИА

Двајца убиени и еден ранет е исходот од вооружениот напад кој што како по филмско сценарио се случи во понеделникот вечерта во угостителски објект во Старата скопска чаршија. Според официјалниот полициски засписник, убиството го извршиле петмина вооружени напаѓачи кои биле облечени во црна облека со  „фантомки“ на глава.

-Во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на улицата „Самоилова“ во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37) и Е.И. (28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Известен е јавен обвинител, кој излезе на лице место и по чија наредба телата се дадени на обдукција. Околу 20.30 часот било опожарено возило „ауди а6“ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството, соопштуваат од МВР.

За третото лице кое било рането, од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ соопштуваат дека бил примен во болницата понеделникот во 20:15 часот со две прострелни рани на нозете. Едната, помала, на левото стапало, додека поголема имал на десната потколеница. По лекарската интервенција бил пуштен на домашно лекување.

Од скопското Основно јавно обвинителството денеска соопштија дека веќе е почната истрага за случајот и дека издале повеќе наредби во насока на расчистување на оружениот инцидент.

-По наредба на јавниот обвинител ќе биде извршена обдукција на телото на починатите. Сите обезбедени и подигнати траги и материјални докази од лице место во угостителскиот објект во кој се случи настанот се предадени на вештачење. Обезбедени се снимки од видео надзорот на самиот објект, на околните објекти, како и на системот „Безбеден град“, кои детално ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот. Во текот на ноќта, беше обезбедена уште една локација на патот кон Горно Оризари, каде беше пронајдено опожарено возило „ауди“. По насоки на јавниот обвинител   увидни екипи на МВР вршат детален увид и преглед на таа локација, а сите прибрани траги и докази исто така ќе бидат предмет на вештачење, соопштуваат од ОЈО.

Во недостаток на официјални информации што се’ се случувало во кафулето под скопската тврдина, медиумите повикувајќи се на очевидци пренесуваат за драмата која се случувала во кафулето под скопското Кале. Неофицијално, пренесуваат дека наводно била мафијашка пресметка на криминални групи од скопското подземје. Имено, вооружената група, влегла во кафулето и еден викнал „никој да не мрдне“, претставувајќи дека станува збор за полициска рација. Потоа дел од вооружените, се упатиле кон вториот кат од кафулето, кон сепарето каде била групата која ја барале и почнале да пукаат кон нив. Две лица добиле куршуми во глава по што починале на самото место, а неофицијално биле повредени уште седум лица. По убиството, вооружената група со автомобил марка „ауди 6“ избегала од кафулето. Истото возило подоцна било пронајдено опожарено, а полицијата на местото на пожарот пронашла регистерска табличка која била фалсификувана. Се уште не е потврдено дали со ова возило се превезувале напаѓачите.

Медиумите го откриваат и иденитетот на убиените. Неофицијално, тоа е Енис Исени и Јетон Кривањева викан Жила, лица од скопското криминално подземје, а името на Кривањева се поврзува и со вооружениот инцидент кој се случи во 2019 година во хотел „Александар Палас“. И во тој инцидент напаѓачите носеа црни униформи и фантомки, по што отвориле оган кон ресторанот на хотелот, а тројца од петтемината, влегувајќи во хотелот, извикале „полиција“ и отвориле рафален оган, па избегале. Полицаец во цивил, кој случајно се нашол таму, им возвратил на напаѓачите со истрели од пиштол, па во овој  вооружен  инцидент имало само еден повреден.

Вооружениот напад во Старата скопска чаршија, и за  дел од експертите е мафијашка пресметка со веројатност за политичка позадина и поддршка. Поранешниот началник во МВР и помошник-директор на криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески тврди дека двојното убиство е само продолжување на пресметките на клановите од нарко-мафијата. Иако станува збор за очигледно добро испланирана и извршена ликвидација, сепак Ѓурчевски е оптимист дека сторителите може да се откријат. Со него се согласува и университетската професорка Фросина Ременски.

-Ова се групи кои се од криминалното подземје и се занимаваат со дрога или оружје. Самите групи се имаат поделено и очигледно станува збор за конкуренти кои меѓусебно си го загрозуваат пазарот. Луѓето кои го извршија убиството имаат логистика, полициска тактика. Очигледно се вешти, спремни и со конкретни цели и може да станува збор за нарачано убиство, истакна Ременски во телевизиско интервју.

Според неа наркопазарот во државава бил во сериозен подем и дека постоењето на криминални групи веќе не е табу тема.

– Има криминални групи кои веќе не се табу тема. Но, ние не гледаме никаква полициска интервенција во тие реони на Скопје. Не само недозоволена трговија, крадење на автомобили, имате се од криминални дејствувања. Цело време ни се повторува циклусот, но полицијата не октрива ништо и тоа е најголем проблем. Можеби проблем не е само непревенцијата туку и недоволно фокусираност да се открие логистичкиот дел на криминални групи. Факт е дека треба да се заштити македонскиот народ, потенцира Ременски.

И двојното убиство не остана без обвинување од страна на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ова е само едно од стотината нерасветлени убиства, во осумгодишното водење на МВР од страна Оливер Спасовски.

-Што друго да се случи Спасовски да си даде оставка. Се вратија деведесеттите, со Ковачевски како премиер, Груби како вицепремиер и Спасовски прв човек на полицијата се случуваат убиства низ градовите, се делат пасоши на криминалци, а наркотрафикантите седат до првите лица на Владата, истакна портпаролот Наум Стоилковски.

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески пак апелираше да не им се дава политичка конотација на ваквите настани и повика да се дозволи МВР и Обвинителство да ја завршат сопствената работа.

Денеска, портите на локалот Шиша бар каде што се случи двојното убиство останаа затворени за посетители, а преку стаклото можеше да се забележат маси полни со пијалоци и неистресени пепелници. На еден од аглите на објектот од надворешната страна има безбедносна камера од која снимениот материјал ќе биде прегледан од истражните органи. (П.Ч.)