Марко Пејчиновски ќе плива ултрамаратон за лицата со ретки болести

108

Тринаесетгодишниот охриѓанец Марко Пејчиновски на 28 август, празникот Голема Богородица, ќе плива соло маратон на Охридското Езеро во должина од 64 километри.

Тој ќе се обиде да го преплива таканаречениот триаголник Охрид-Свети Наум-Струга-Охрид, а подвигот, како што најави претходно, го посветува на лицата со ретки болести.

– После испливани илјада километри, напорни тренинзи, нервози, препреки, ветришта, бранови, дожд, ладно и топло време, официјално ви кажувам дека на празникот Голема Богородица, ќе пливам од Охрид до Свети Наум, преку Струга назад до Охрид“, откри Марко на својот фејсбук-профил.

Тој минатата година направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач кој ја препливал таа делница, со што се најде меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е дотолку поголем оттаму што тој има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Оваа година Марко пред себе постави сериозно голем предизвик со исклучителна хумана цел, да го сврти вниманието на јавноста, а пред се на општествените чинители, кон лицата со ретки болести кои секојдневно водат маратонски битки и се соочуваат со животозагрозувачки препреки.

За престојниот негов подвиг се изработени маички во бела и црна боја што ќе се продаваат по цена од 300 денари, со тоа што целиот приход собран од продажбата е наменет за помош на лицата со ретки болести.

За минатогодишниот подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба, највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и „Златна буба мара на популарноста“.