Макфире Шаќири вози автобус на ЈСП, а планира да стане и машиновозач

1013

 48-годишната Макфире Шаќири, една од четирите жени возачи во ЈСП, која од 2005 година рамо до рамо се носи со нејзините колеги – мажи. – Колегите ме прифатија најнормално, дури можам да кажам прекрасно, но на патниците им беше чудно. Дури можев да слушнам коментари како: „Кој и дал на оваа автобус, не може да ги стигне педалите, а не да не вози, ќе нè преврти“. Тоа е затоа што сум ситна, но мене тоа не ми претставува пречка да си ја вршам работата дури и подобро од маж, вели за себе Шаќири која успешно „вози“ и на полето на родителството бидејќи сама го одгледала синот кој е сега 17-годишно момче. Таа полага и за машиновозач и сака да биде дел од БРТ превозот

Анела Петрова

Предрасудите и стереотипите дека има машки и женски професии кои сè уште постојат, ги урива 48-годишната Макфире Шаќири, една од четирите жени возачи во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), која рамо до рамо се носи со нејзините колеги – мажи.

Уште како мала била вљубена во автобусите, во големите автомобили. Како средношколка секогаш се возела напред до возачот на автобусот, му додевала со различни прашања што му ги поставувала од љубопитност, но и внимателно го набљудувала како вози.

Зад себе има повеќе дипломи за други професии: завршила средно трговско училиште – четврти степен аранжер, петти степен возач специјалист и инструктор. Ама оваа силна и храбра жена, воедно самохрана мајка, се одлучила да му се посвети на возењето, а сосема успешно „вози“ и на полето на родителството затоа што сама успеала да одгледа здраво и паметно машко дете кое сега е вистинско момче на 17 години.

– Извесно време работев како инструктор во автошколата „Кекец“, потоа работев во своја продавница. Речиси шест години возев и тури до Истанбул, до Илиенци, Пеќ и Бугарија во туристичката агенција „Смира Транс“. Имав и фризерско-козметички салон кој го затворив, бидејќи во 2005 година добив работа во ЈСП – ја раскажува својата животна приказна, Шаќири која е редовно вработен возач на автобус од 2007 година.

На почеток се соочува со потешкотии бидејќи, како што вели, почнала по приградските населби каде сфаќањата во однос на професиите се поинакви.

– Колегите ме прифатија најнормално, дури можам да кажам прекрасно, но на патниците им беше чудно. Дури можев да слушнам коментари како: „Кој и дал на оваа автобус, не може да ги стигне педалите, а не да не вози, ќе нè преврти“. Тоа е затоа што сум ситна, но мене тоа не ми претставува пречка да си ја вршам работата дури и подобро од маж – вели за себе Шаќири.

Кога започнала со работа, морала да се грижи за својот тогаш двегодишен син Анди, па бидејќи немало кој да го чува го носела со себе во автобус.

– Морав и него да го носам со мене на работа. И тој стануваше заедно со мене рано, во 4:30 часот, иако беше многу мал и му се спиеше. Немав друго решение – со тага се сеќава Шаќири.

Но, сега, додава таа, Анди е веќе 17-годишно момче кој е одличен ученик и трета година во средното медицинско училиште, а тренира и рагби.

– Да израснеш дете во човек кој ќе биде добар и дома, но и полезен за општеството, не е лесна работа. Се гордеам со него. Тој е мојот најдобар другар кој знае да ме расположи, свирејќи ми на акустична гитара. Морам да кажам дека имав и голема поддршка од моите родители. Доколку се има разбирање, толеранција и љубов може да се постигне сè – децидна е Шаќири.

Моментно вози автобус на линијата со број 62, која тргнува од гаражите во Автокоманда до Огњанци и потоа до Транспортен центар, но вели дека ја должи линијата „35“ која оди од Ново Лисиче до Скопје – Север.

Се соочува со многу згоди и незгоди, бидејќи се среќава со најразлични луѓе кои се превезуваат во автобусот што го вози.

– Има(ло) и непријатни случки, но тие се поретки. Но, доколку некој од патниците претера веднаш се јавувам на 192 и полицијата брзо доаѓа – раскажува храбрата Шаќири.

Последна случка која и останала во сеќавање е кога била нападната од маж на станицата кај Бит пазар во автобусот со линија „35“.

– Буквално ме нападна. Сакаше тој да го вози автобусот. Но, патниците во автобусот веднаш изреагираа. Среќа што сум затворена во кабина, па сум заштитена. Тој лупаше по стаклото, но не успеа да влезе. Потоа, пријавив во полиција. Дојдоа веднаш за три до четири минути и го зедоа. Се воспостави дека човекот не бил психички во ред – зборува за своите незгоди Шаќири.

Таа објасни дека во автобусите има и паник-копче кое треба да се притисне доколку возачот е доведен во сериозна опасност.

– Откако ќе се притисне копчето тоа дава сигнал во Центарот на ЈСП, од каде колегите се јавуваат и праќаат полиција за што побрзо да интервенира. За среќа, досега јас не сум била во исклучително опасна ситуација и сум немала потреба да го притиснам ова копче – раскажува Шаќири.

И покрај сите случувања, таа со огромна љубов си ја работи својата професија. Вели дека иако поради нејзината здравствена состојба и биле нудени други работни места, како што е шеф на смена, таа одбила и не сака да се откаже од возењето.

– Сакам да возам и покрај сè што сум поминала, посебно зимно време по приградските населени места, замрзнати коловози, снег. Јас нема да се откажам од воланот сè до моето пензионирање – нагласи Шаќири.

Таа вели дека најновите автобуси на МАН се посебно погодни и лесни за возење, исто како да возиш автомобил. Шаќири најави дека се подготвува и да ги вози автобусите што ќе бидат дел од системот за брз автобуски превоз – БРТ.

– Веќе полагам за машиновозач. Трета година сум. Ми останува уште една, а имам и искуство. Се надевам и би сакала да бидам дел од новиот брз автобуски превоз. Едвај чекам да пристигнат автобусите – очекува Шаќири.

Таа е упорна и истрајна и упати една силна порака до сите жени:

– Бидете пред сè смели, а тоа е доволно, нешто што го посакувате да ви се оствари. Не постои сон кој не може да се оствари – вели Макфире.

 

Шилегов: Таа е жена возач во „машка професија“!

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов за неа ќе рече:

– Макфире во себе го носи и претставува сето она на што јас со години се воодушевувам. Таа е жена возач во „машка професија“, и тоа за мене е најдобар пример што значи кога се бориме со стереотипите и предрасудите и зборуваме за идејата Скопје – град еднаков за сите, град со еднакви можности и шанси без разлика на вера, етничка припадност и пол, град во кој сите имаме прилика да успееме доколку сме вложени и веруваме во тоа што го знаеме и можеме – вели Шилегов.