Македончињата од Себиште, Голо Брдо добија нов училишен објект

48

Новата учебната 2021/2022 година, Mакедончињата од селата Стеблево и Моглица, област Голо Брдо, Албанија, наставно-воспитниот процес ќе го следат во нов училишен објект.
„Благодарение на средствата издвоени од Владата изграден е овој училишен објект со потребната инфраструктура. Сето тоа во насока на создавање што подобри услови за нормално одвивање на образовниот процес. Тука настава ќе следат 24 основци од селата Себиште и Моглица“ – изјави Алберт Калеци, администратор на административната единица Стеблево.
Оваа административна единица, всушност е некогашната истоимена општина во oбласта Голо Брдо, која беше укината со законот за територијална поделба. Опфаќа осум села Стеблево, Студено, Себиште, Забзун, Борово, Ланга, Моглица и Продан, кои сега потпаѓаат под административната единица Стеблево, општина Либражд.

Во оваа единица живеат над илјада жители чија главна активност е земјоделството и сточарството.
Во напорите на албанската влада за подобрување на условите за живот во областа Голо Брдо, една од најсирошаните во земјата, а во рамки на програмата „Реконструкција на 300 здравствени центри“, целосно реконструирани, проширени и опремени со потребната опрема и обезбеден кадар, беа здравствените амбуланти во селата Требиште и Мало Острени.
Областа опфаќа 22 населени места, од нив 18 се населени со Македонци, додека останатите се со мешан состав. До падот на комунистичкиот режим во областа живее над 35 илјади жители. Но, за подобар живот и обезбедување егзистенција, пред сè во други градови во Албанија, Грција и Северна Македонија, се иселија голем број од нив и моменто живеат не повеќе од 10 илјади.