Младата и средната генерација сè повеќе се селат и заминуваат на работа во странство. Недостига работна сила речиси од сите профили, па затоа изминативе месеци се нудат од 5.000 до 9.000 денари за секој вработен што ќе повика и ќе убеди свој пријател да се вработи во фирмата. Една од фирмите што го поттикнува вработувањето е и модната конфекција од Свети Николе „Мода”. Тие нудат по 5.000 денари еднократна парична награда за секој вработен што ќе доведе нов работник во компанијата. Како што вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, за весникот ВЕЧЕР, за жал, многу мал е одѕивот. Според статистиката на ДЗС, стапката на невработеност во земјава достигнала околу 14 отсто

 

 

 

Газдите на фирмите во Македонија се на голема мака поради сериозниот недостиг на работна сила. Според податоците на Агенцијата за вработување, домашните компании од разни сектори побаруваат околу десет илјади работници со различни квалификации, и тоа најмногу од услужните и од угостителските услуги, а многу помалку од производството и од индустриските гранки. Но, работодавците се жалат дека интересот за вработување е мал, пред сè, поради ниските плати, кои не се предизвик за младата работна сила, која сè почесто заминува на работа во странство.

Токму од овие причини, изминативе денови се нудат од 5.000 до 9.000 денари за секој вработен што ќе повика и ќе убеди свој пријател да се вработи во фирмата. Една од фирмите што го поттикнува вработувањето е и модната конфекција од Свети Николе „Мода”. Тие нудат по 5.000 денари еднократна парична награда за секој вработен што ќе доведе нов работник во компанијата. Како што вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, но и директор на конфекцијата „Мода”, мал е одѕивот и за ова. Тој вели за весникот ВЕЧЕР дека сè почесто се пријавуваат постари работници, кои се пред пензија. Проблемот е покомплициран оти младите не прифаќаат да работат за просечна плата од 500-600 евра.

– Очекувавме да се јават млади луѓе, но, за жал, нема интерес. Во Македонија, недостигаат многу работници, а младите одат да работат во странство, таму се  повисоки платите, подобро заработуваат. Истото го прават и работниците од средната генерација, кои, исто така, се пакуваат и заминуваат надвор од државата – вели Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Со неговиот став се согласуваат и кумановските компании. Тие велат дека нудат добри услови за работа, платен превоз и храна, бонуси, К-15, па дури и 13. Плата, но интерес од продуктивна работна сила нема.

– Некое време им нудиме и бонуси од 5.000 до 9.000 денари на нашите работници ако доведат друг работник, но ефектот не е преголем – вели еден од газдите на кумановска компанија за текстил.

Тој потврдува дека на официјалниот сајт на Агенцијата за вработување, главно, се бараат работници од услужните дејности, а многу помалку од производствените сектори.

Според Димитров, во земјава најчесто се чека работа според дипломата што се поседува, многумина не прифаќаат какво било работно место или, пак, преквалификација. Тој очекува дека со влезот на Македонија во ЕУ-процесот, не само што нема да се стопира туку и ќе да се забрза.

Недостиг на квалификувана работна сила има и во нашите индустриски зони. И во Бунарџик се нудат 9.000 денари на вработени што ќе доведат други вработени. Условот е нововработениот да остане најмалку половина година во фирмата.

Според статистиката, невработеноста во Македонија е намалена. Така, од 802. 280 лица во државата, колку што се на возраст да бидат вклучени во работниот процес според закон, вработени се 693.063. Стапката на активно население е 54,9 отсто, на вработени – 47,2 отсто, а стапката на невработеност изнесува околу14 отсто. Просечната плата во Македонија за јуни изнесува 36.527 денари. Минималната плата, пак, е 20.175 денари. Во регионот, Србија има најниска стапка на невработеност од 8,9 отсто, а Косово и Босна и Херцеговина се во најлоша состојба, таму таа е повисока од 15 отсто.

 (В.Ма.)