Марија Павловска, македонската уметница со светско реноме, е добитничка на меѓународната награда „Донатело“ на Фондацијата „Fondazione Effetto Art“ од Италија. Ова престижно признание ѝ е доделено во палатата Боргезе во Фиренца.

„Престижната награда е за уметниците кои вредат, за нивните уметнички заслуги. Таа се доделува на оние уметници што се истакнале по своето уметничко и стилско истражување. Наградата е вистински симбол за важна уметничка кариера“, стои, меѓу другото, во образложението за наградата дадено од кураторот Франческо Русо.

Инаку, ова признание се смета за една од најпрестижните уметнички награди.

Павловска е избрана од кураторите Салваторе и Франческо Саверио Русо – Фондазионе Ефето Арте и од уметничкиот директор Сандро Серадифалко, меѓу едни од најдобрите меѓународни и современи уметници.

Во својата дваесетгодишна кариера, таа има реализирано повеќе од 30  самостојни и 100 групни изложби во земјава и во странство, а добитник е и на бројни меѓународни награди. Марија Павловска се вбројува во значајните автори на современата македонска уметност на 21 век, а се издвојува како автор со специфичен и уникатен уметнички израз.

Нејзиното студио резиденција – aтeлје се наоѓа во престижниот уметнички центар, музејот „MANA Contemporary“ во областа Њујорк, од 2012 година.

Фото: ФБ Марија Павловска