Македонската сениорска ракометна репрезентација триумфираше во првиот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство во 2022 година, во Унгарија и Словачка. Во СЦ „Борис Трајковски“ беше совладана репрезентацијата на Финска со 33:24.

Неизвесноста на овој натпревар траеше само првите петнаесетина минути кога Финците успеаваа да го одржуваат резултатот во егал (5:5). Но, во преостанатиот дел од првото полувреме имаше целосна доминација на “црвено – жолтите“ кои на паузата заминаа со шест гола предност (16:10).

Во првите десет минути од второто полувреме избраниците на селекторот Данило Брестовац, направија солидна предност од осум гола (23:15). Од овој момент веќе беше јасно дека „црвено – жолтите“ ќе ги запишат првите бодови во овој квалификациски циклус. Високата предност му овозможи на селекторот во последните 20 минути од мечот да им даде шанса на помладите играчи да покажат што умеат на теренот.

Најефикасен во македонскиот тим беше капитенот Кирил Лазаров со 11 гола, Кузмановски постигна 6 гола, а Пешевски и Маџовски го завршија мечот со по 5 голови.

Следниот натпревар македонските ракометари го играат во сабота на гости кај селекцијата на Швајцарија.

Фото: П. Стојановски