Македонец ќе раководи со Аеродромот во Црна Гора

203

Горан Јандреоски, кандидат од Северна Македонија, е избран за нов извршен директор на Аеродромот во Црна Гора, објави компанијата.

Во соопштението се додава дека Јандреоски има „богато работно искуство во авијацијата“.

„Комисијата, која се состоеше од членови на Управниот одбор на АЦГ и претставник на Министерството за капитални инвестиции, го избра Јандреоски по конкурсот и интервјуто, врз основа на неговата богата професионална биографија“, се вели во соопштението на црногорскиот аеродром.

Наведено е дека Јандреоски бил директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство во Северна Македонија, како и на високи раководни позиции на аеродромот во Скопје.

„Тој има завршено електроинженерство, дипломиран менаџмент на цивилно воздухопловство во Сингапур, како и МБА-диплома на Универзитетот во Дунав Кремс. За време на интервјуто, како приоритети во својот ангажман тој ги навел сертификацијата на аеродромот, оптимизацијата на трошоците на компанијата на двата аеродроми во Црна Гора.

За оваа позиција се пријавиле 14 кандидати“, стои во соопштението на Аеродромот на Црна Гора.

Инаку претходно, Јандреоски за прв човек на АЦВ, доаѓа во 2015 година од позицијата менаџер за одржување во ТАВ Македонија, функција која ја обавувал од март 2010-тата година.