EPA-EFE/RICHARD WAINWRIGHT

На само неколку дена до УФЦ-настанот на кој Чарлс Оливеира и Ислам Макачев требаше да ги одмерат силите, дојде до голема промена. Имено, еден од најголемите џиуџицу мајстори, Бразилецот Оливеира, реши да се повлече од борбата поради исеченица над десното око.

  • Ништо не ни кажа. Веднаш ќе контактиравме со пластичниот хирург и ќе ја решевме работата. Никогаш не ни кажуваат борците навреме, но разбирам зошто не сакаше да ризикува на ваков натпревар – изјави првиот човек на УФЦ, Дејна Вајт.

Поради таквата одлука, веднаш реагираше Вајт, па во октагонот го испрати австралискиот борец со македонско потекло, Александар Волкановски, кој на тој начин го спаси настанот. Македонецот четири години е суверен владетел во перо категорија, во која четири пати го бранеше шампионскиот појас.

Сега, по вторпат ќе се бори за титулата во категоријата над својата, односно во лесна категорија. Првпат го направи тоа во февруари годинава, против Макачев. Иако речиси сите експерти и јавноста предвидуваа дека Дагестанецот лесно ќе се справи со Волкановски, сепак, македонскиот борец ги изненади сите и даваше отпор до крајот, а судиите му ја доделија победата на Макачев. Оваа одлука предизвика лавина реакции во јавноста и многумина сметаа дека победата требало да му припадне на Волкановски.