Литванија поставува метална ограда на границата со Белорусија

63
На литванско-белоруската граница започна поставувањето на сегменти од метална ограда висока четири метри, во чиј горен дел ќе се протега бодликава жица. Преку таа градба Литванија ќе се бори против илегалната трговија со луѓе, откако од почетокот на годината од Белорусија во земјата влегоа повеќе од 4.000 илегални имигранти од земјите во Азија и Африка. Ова денеска го соопшти државната енергетска компанија Епсо-Г, која Владата ја избра за изведувач на проектот.

„Првично оградата ќе биде поставена на најпроблематичните делници од границата, во должина од околу 100 километри, и до крајот на оваа година на нив ќе биде поставена бодликава жица “, се вели во соопштението.

Литванија има граница од околу 680 километри со Белорусија. Литванија реши во овој дел да изгради 4-метарска ограда од метална мрежа со бодликава жица поставена во горниот дел. Пред оградата ќе биде поставена дополнителна линија бодликава жица висока 3 метри.

Изградбата на оградата ќе чини 152 милиони евра. Литванија се надева дека Европската унија ќе одвои средства за изградбата, но европските претставници изјавија дека не финансираат изградба на бариери.