Албанија следниот месец ќе издаде еврообврзница во износ од 700 милиони евра

51

Албанската Влада на денешната седница донесе одлука за издавање еврообврзница на меѓународниот пазар во износ од 700 милиони евра.

Министерката за финансии и економија Делина Ибрахимај, по седницата, кажа дека еврообврзницата ќе биде издадена на почетокот на следниот месец, но не прецизираше точен датум, додавајќи при тоа дека тоа ќе го утврдат меѓународни советници.

-Една од донесените одлуки се однесува на еврообврзницата и вредноста, која се очекува да излезе на пазарот на почетокот на ноември и ќе биде со вредност од 700 милиони евра. Процесот од ден на ден го следат Министерството за финансии и економија и сите меѓународни советници. Датумот не е одреден бидејќи ќе се одлучи врз основа на советите на меѓународните советници да се добие најсоодветната каматна стапка за да се гарантира намалување на трошоците за јавниот долг воопшто, рече Ибрахимај.

Претходно беше објавено дека албанската влада се подготвува да издаде еврообврзница на меѓународниот пазар во почетокот на 2022 година, во износ од 500 милиони евра.

Ова ќе биде петти пат како земјата се појавува на пазарите на капитал. Првпат тоа го направи во 2010 година кога позајми 300 милиони евра, вторпат во 2015 година со 450 милиони евра, третпат се задолжи со 500 милиони евра во 2018 година. Во јуни 2020 година, по четврти пат Албанија се задолжи со еврообврзница од 650 милиони евра, со каматна стапка од 3,6% и рок на достасување од 7 години.