Ликови од цртани филмови на официјалните нови пасоши во Белгија

402

Од 7 февруари официјалните пасоши на Белгија ќе бидат илустрирани со цртежи на најпознатите белгиски стрип херои – Штрумпфови, Таличниот Том, Тин Тин и Марсупилами.

Новите белгиски пасоши на тој начин ќе станат едни од најуникатните во светот, а тоа ќе биде можност за понатамошна промоција на стрипот како национална уметност со која Белгијците се многу горди.

“Белгискиот пасош е еден од најдобрите во светот, тој е гордост за нас, но и предмет на желбата на фалсификаторот. Затоа постојано работиме на подобрување на неговата безбедност”, изјави белгиската министерка за надворешни работи Софи Вилмес. 

Новите пасоши ќе вклучуваат 48 различни безбедносни техники и треба да бидат двојно побезбедни од сегашните кога станува збор за злоупотреба. Белгискиот пасош моментално е седми најценет по слободата на движење што му ја обезбедува на имателот на глобално ниво, од 199 национални пасоши. Старите белгиски пасоши ќе важат до крајниот рок, а новите ќе бидат достапни во локалните општини по цена од 65 евра за возрасни и 35 евра за деца.