Роденденот го славам со моето маче. Ние двете се веселиме, таа ќе ме погали со својата шепа, а мене срцето ми е полно. Поради короната никаде не одам, никого не примам дома на торта.

Кралицата на народниот мелос, Лепа Лукиќ, која никогаш во својот живот не пеела ниту ќе пее турбо фолк песни, а која ја препознаваме и во Македонија по големиот хит “Срце је моје виолина“, го славеше својот 81 роденден. Оваа сè уште популарна пејачка која не им се предава на годините, вели дека роденденски честитки добива од сите страни на поранешната Југославија, но дека поради коронавирусот никого не прима дома на торта.

-Ми се јавуваат пријатели и колеги од Триглав до Гевгелија, а најмногу честитки добив од Македонија што особено ме радува бидејќи таа земја ми е многу омилена, таму имам покрај многу пријатели и многу свои фанови. Одамна не сум пеела во Македонија поради оваа пандемија, а последниот пат за една Нова година пред три-четири години кога и имав свое шоу на една македонска телевизија.

Македонците навистина ги сакаат моите песни и тоа го покажуваат кога сум таму, ми приоѓаат сакаат да прават муабет со мене, да се сликаат со мене. Тоа е еден многу мил питом народ, разнежнето вели Лепа, која новинарите ја затекнале во роденденско расположение.

-Роденденот го славам со моето маче. Ние двете се веселиме, таа ќе ме погали со својата шепа, а мене срцето ми е полно. Поради короната никаде не одам, со никој не комуницирам во живо, само преку телефон. Морам да внимавам на своето здравје, сепак сум во пристојни години кои бараат строга контрола. Така ми е кажано од докторот и јас тоа го почитувам доколку сакам уште да живеам, бидејќи вирусот е опасен и не се знае од каде може да нападне. Затоа сум најбезбедна кога сум сама по дома со моето маче кое ми прави друштво, вели славната пејачка. Д.М.