Лекови на рецепт ќе има секој ден, само понесете лична карта!

293

Од први октоври кога и да отидете во аптека ќе можете да си го подигнете лекот кој ви е препишан на рецепт. Како што објасни Даниел Дончев, еден од директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија укинувањето на квотите е придобивка за сите осигуреници, бидејќи ќе може секој да си го оствари своето законско право да си добие лек на рецепт од позитивната листа во било кое време од месецот

Лековите што осигурениците ги земаат на рецепт од  први октомври годинава ќе можат да ги подигнуваат во сите аптеки кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија, но само со лична карта или пасош. Истовремено се укинуваат квотите во аптеките што значи дека во секое време од месецот, а не само првата недела, ќе има доволно лекови за сите граѓани.

На овој начин точно ќе може да се провери во секое време дали лековите ги добиваат лицата на кои се препишани, а притоа граѓаните ќе имаат лекови во кој било период од месецот.

Како што објави Даниел Дончев, еден од директорите на Фондот, укинувањето на квотите е придобивка за сите осигуреници, бидејќи ќе може секој да си го оствари своето законско право да си добие лек на рецепт од позитивната листа кога и да отиде во аптека.

-Досега со квотите имаше ограничување, а сега секој што ќе отиде кај својот матичен лекар ќе може со неговата здравствена легитимација и лична карта да си добие рецепти за неопходната терапија. Потоа со рецептите повторно во аптека  треба да ја приложи неговата лична карта и без никакви проблеми ќе го добие потребниот лек. Доколку се подигаат лекови за некое друго лице тогаш се приложува личната карта на лицето што подига, а не на лицето за кое се земаат лековите – објаснува Дончев и нагласува дека оваа новина е еден вид на контролен механизам со што се прави заштита на нивната институција, при што се елиминираат можните злоупотреби и ризици од земање на непотребен број на лекови.

Тој појасни дека во иднина точно ќе се знае колку секој рецепт е валиден и веродостоен, при што нема да се толерираат било какви злоупотреби на рецептите за што е предвидена таканаречена заштитна мерка „црвени знамиња“.

Од Фондот како пример наведоа дека имало случај во еден месец еден осигуреник да подигне 27 спреја за астма, иако за еден месец му е потребна само една ваква пумпа.

-Ваквите случаи сега ќе можеме да ги евидентираме и веднаш да ги провериме- велат од Фондот.

Според директорите на фондот и во иднина хронично болните лица ќе продолжат да си ја земаат редовната месечна терапија како и досега, но нема да има потреба да се прават гужви кај матичните лекари првите денови од месецот, оти лекови ќе има до крајот на месецот.

Дончев потсети дека до крајот на септември на сила се постоечките прописи на пропишување на лекот кај избраниот лекар и издавање на лекот во аптеката.

Вториот директор на ФЗО, Орхан Рамадани потенцираше дека Фондот е во одлична кондиција и е во состојба да обезбеди лекови на рецепт за сите. Во фондовскиот буџет имаат доволно средства за неопходните лекови за осигурениците. Според него, веќе за 6,2% имаат зголемување на приходите и потребните средства ќе ги наменат за овие потреби.

-Фондот има договор со 778 аптеки во земјава кои издаваат лекови од позитивната листа – вели Рамадани и дополни дека доколку имаат желба и други аптеки можат да склучат договор со нивната институција.

Тој истовремено информираше дека во некои аптеки и со досегашните квоти  имале доволно лекови што биле наменети за осигурениците кои земале лекови од позитивната листа.

Дончев најави дека по неколку месеци ќе се укинат и хартиените рецепти и ќе постои само електронски рецепт. Постапката ќе биде иста, дури и поедноставна бидејќи аптекарот во самиот систем ќе гледа колку рецепти осигуреникот има за подигање.

Укинувањето на квотите во аптеките го поддржува и ресорниот министер, Венко Филипче кој вели дека со укинувањето на квотите за лекови на рецепт се решава деценискиот проблем со недостигот на лекови. Според него, придобивка од оваа мерка е редовен пристап до лекови на рецепт во текот на целиот месец, а со тоа нема да имаат страв дека може да останат без потребниот лек за терапија доколку нема квоти во аптеките при крајот на месецот.

-Осигурениците ќе можат да бидат обезбедени со лекови согласно нивните реални медицински потреби, без да прават резерви на лекови во нивните домови. Истовремено ќе можат да помогнат на здравствениот систем со подобро рационално користење на лековите и почитување на препораките од лекарите и фармацевтите – велат од ресорното министерство.

(В.Ма.)