Легендарниот аргентински тенисер и четирикратен грен слем шампион Гилермо Вилас се бори со Алцхајмеровата болест, јавија аргентинските медиуми. Вилас моментно се наоѓа во својата куќа во Монако, а веќе подолго време се нема појавено во јавноста. Овој 67 – годишник веќе некое време има проблем со конгитивните задачи како последица на болеста.

За неговата состојба зборуваше и поранешниот селектор на Дејвис куп репрезентацијата на Аргентина, Тито Васкез.

-Никој се уште нема кажано што точно се случува со него, но мислам дека се работи за Алцхајмерова болест. По она што го сфатив од луѓето кои зборуваа со мене, тој се чувстува лошо подолго време, изјави Васкез.

Од октомври минатата година се нема појавено во јавноста, а последен пат е виден на снимка со Бјорн Борг на која двете легенди се смеат неколку секунди  во едно кафуле во Монако. Оваа снимка е без глас.

Вилас го освои Австралија опен во 1978 година, а една година подоцна ја одбрани титулата. Најдобрата сезона во кариерата му беше 1977 кога го освои Ролан Гарос и САД Опен. Освои еден завршен мастерс и девет титули од Гран При серијата, а кариерата ја заврши со вкупно 62 титули.