Лапид со неколку партии ги договори условите за формирање коалициска влада на Израел

115

Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид ги договори со неколку партии, вклучувајќи ја и партијата предводена од министерот за одбрана Бени Ганц, за условите за формирање нова влада, соопшти денеска неговиот портпарол.

Лапид има рок до полноќ да објави дека постигнал договор

Претстои да се договори и со неговиот главен партнер Нафтали Бенет, кој би требало да биде првиот премиер во рамки на предложената ротација на двајцата политичари.

Партијата на Лапид, Јеш Атид, и на Ганц, Сино и бело, во заедничката изјава наведоа дека се согласиле за контурите на владата и основните прашања поврзани со зајакнувањето на демократијата и израелското општество.

Ганц ќе остане министер за одбрана во новата влада, соопштија партиите.

Исто така, постигнат е договор со левичарската партија Мерец и израелската Лабуристичка партија, како и со Израел Беитену, партијата на поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман, изјави портпаролот на Лапид.

Обединетата арапска листа исто така преговараше за влез во коалицијата. Ако тоа се случи, тоа ќе биде првпат во историјата на Израел независна арапска партија да стане член на владата.

Доколку Лапид го пропушти крајниот рок за формирање коалиција, парламентот ќе има рок од три недели да се договори за нов кандидат.

Доколку и тоа не успее, Израел ќе спроведе нови избори, петти во последните две години.