Лавров: Подготвени сме на нови мерки против САД доколку продолжат по патот на ескалација

55

Русија е подготвена да преземе нови соодветни мерки против САД доколку оваа земја продолжи по патот на ескалацијата, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во програмата „Москва. Кремљ. Путин“ на телевизискиот канал „Русија-1“.

-Се е кажано во нашата реакција на последните непријателски чекори на Американците. Ние ги објавивме сите мерки што ги презедовме и сѐ уште сме подготвени да ги преземаме доколку продолжи ескалацијата, рече тој.

Лавров истовремено кажа дека Москва позитивно одговорила на предлогот на Вашингтон за  одржување состанок меѓу руските и американските претседатели Владимир Путин и Џо Бајден и дека сега ја истражува таквата можност.

-Истовремено, според налог на рускиот претседател Владимир Путин, го споменав предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за одржување самит. Тој е позитивно примен и сега се проучува, рече рускиот министер.

Бајден, на 15 април, за време на телефонски разговор му понудил на Путин во текот на летото да имаат тет-а-тет средба во Европа. Според него, двете страни веќе разговараат за таквата можност.

Руско-американските односи ескалираа по интервјуто со американскиот претседател Џо Бајден, во кое тој кажа дека Москва ќе мора да ја „плати цената“ за наводното мешање во изборите во САД, а исто така даде остри изјави за рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, потоа беше вратен во Москва на консултации, каде што се наоѓа од 21 март. На 15 април Бајден го потпиша указот за санкции против Москва, а на 16 април Русија најави реципрочна мерка.

Извор: МИА