Одлуките за привремено ограничување на копнените граници, како и за забраната за влез на државјани на трети земји, грчката Влада ги продолжи за уште една седмица, односно до 3 мај 2021 година, а новата одлука, што претставува продолжување на претходната од минатиот понеделник,  веќе е објавена во Службен весник на Грција и стапува во сила утре во 6 часот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.

Промена има во последниот член на одлуката, каде што е додаден нов став што се однесува на задолжителниот ПЦР-тест што патниците треба да го покажат при влезот во земјата и наведено е дека важи и за деца кои наполниле пет години, нешто што не беше споменато во претходните одлуки.

Од задолжителниот карантин и забраната за влез, исклучок се државјаните на членките на ЕУ и на уште 11 други трети земји, кои задолжително треба да имаат или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР-тест.

За граничниот премин „Евзoни“ (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР-тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена. За транспортерите, „Евзони“ е отворен од 7 до 23 часот по локално време.