Курдите – Најголем народ без сопствена земја

392

Курдите, кои никогаш не живееле под централизирана власт, се поделени во многу партии и фракции во овие четири држави. – Стремежот на Курдите за создавање на единствен Курдистан се манифестира преку националистичка идеологија

Курдите се луѓе со индоевропско потекло. Тие се потомци на Медијците од древна Персија, кои основале империја во седмиот век пр.н.е. Мнозинството од Курдите се сунитски муслимани, но меѓу нив има и немуслимански малцинства. Тие се населиле на речиси половина милион квадратни километри. На Блискиот Исток живеат некаде околу 30 милиони Курди, најголемиот дел од нив, односно 55% живеат на територијата на денешна Турција, додека пак остатокот се речиси подеднакво распределени на територијата на Иран и Ирак, и се разбира Сирија каде што живеат над два милиона Курди. Интересно е да се забележи тоа што за разлика од другите народи, кои живеат во овој регион, и кај кои во последниве години религијата игра голема улога, и  има далеку поголемо значење од етничката припадност, кај Курдите ситуацијата е сосема обратна.

Помеѓу самите Курди, религиозната припадност не игра голема улога, па така иранските Курди се претежно муслимани-шиити, додека пак турските, ирачките и сириските се во најголем дел муслимани-сунити, постојат се разбира и мал дел на Курди кои се христијани и зороастријци, со други зборови, кај нив најважна е етничката, а не религиозната припадност, нешто што е сосема спротивно кај народите кои ги опкружуваат. Токму затоа овој народ ако се одлучи за независност, има една огромна предност, а тоа е единството кое барем сега за сега постои кај нив. Големи курдски заедници, исто така. живеат во Азербејџан, Ерменија и Либан, како и во Европа, особено во Германија.

Во политички контекст, севкупното курдско население било дел од историската иранска нација од стариот век до 17 век кога западните делови на нивната етничка област ги присвојува Отоманското Царство. Колапсот на Отоманската Империја, по крајот на Првата светска војна, го отвора патот кон создавање на курдска држава, предвидена со договорот од Севр во 1920 година, која требаше да биде во источна Анадолија и во провинцијата Мосул. Но, по победата на Мустафа Кемал Ататурк во Турција, сојузниците ја смениле својата одлука и во 1923 година, со договорот од Лозана, се утврдува доминацијата на Турција, Иран, Велика Британија (за Ирак) и Франција (за Сирија) над тамошното курдско население.

Стремежот на Курдите за создавање на единствен Курдистан, се доживува како закана за територијалниот интегритет на земјите во кои живеат. Тие често биле дискриминирани, а нивниот отпор се рефлектирал низ разни националистички идеологии, како паниранизам, иредентизам… Самите себеси се опишуваат како „најголем народ без земја“. Имено, секој обид на Курдите да воспостават своја држава беше брутално загушен.

Во Турција, конфликтот меѓу владата и Курдската работничка партија беше обновен во текот на летото во 2015 година, по што пропаднаа надежите за решавање на кризата, во која од 1984 година загинаа над 40.000 лица. Во Иран има повремени судири меѓу силите за безбедност и курдските бунтовници, а во 1979 година имаше и курдски бунт, кој беше задушен. Во Ирак, Курдите беа прогонувани во времето на Садам Хусеин и креваат бунт во 1991 година по поразот на Багдад во Кувајт. Тие воспоставија автономија, која де факто беше легализирана со ирачкиот Устав во 2005 година, формирајќи федерална република во Ирак.

Во Сирија, Курдите со децении страдаа од маргинализација и угнетување од страна на режимот и побараа признавање на нивните права. Тие воспоставија неутрална позиција кон власта и бунтовниците во почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година. Потоа го искористија хаосот предизвикан од војната и воспоставија автономна администрација во северните региони.

Курдите, кои никогаш не живееле под централизирана власт, се поделени во многу партии и фракции во овие четири држави. Понекогаш овие движења се прекугранични, но честопати се противници. На пример, во Ирак, двете главни курдски партии во 1994 и 1998 година водеа војна меѓу себе, при што загинаа повеќе од 3.000 луѓе. Постигнаа мир во 2003 година.

Во Сирија, курдските сили доминираат во сојузот Сириски демократски сили, кои се борат против „Исламска држава“, со поддршка на меfународната коалиција предводена од САД. Во Ирак, курдските сили пешмерга, исто така, учествуваат во борбата против џихадистите.

Автономниот регион Ирачки Курдистан граничи на исток со Иран, на север со Турција и на запад со Сирија. Зафаќа површина од 40.600 квадратни километри и е составена од три провинции Ербил, Сулајманија и Дахук. Ербил е главен град. Регионот е богат со нафта, природен гас и фосфати.

Ирачки Курдистан доби целосна автономија во 1991 година. Од следната година, ирачките Курди имаа право да избираат парламент и да формираат влада. Сепак, овие институции беа парализирани во периодот 1994 – 1998 година поради конфликтот меѓу двете партии кои ги претставуваат ирачките Курди – Демократска партија на Курдистан и Патриотски сојуз на Курдистан.

Во 2003 година ирачките Курди се приклучија на меѓународната коалиција против Садам Хусеин, а на почетокот на 2006 година беше формирана единствена администрација на Ирачки Курдистан. Масуд Барзани беше избран за претседател на Ирачки Курдистан во 2005 година, кому мандатот му истече во август 2015 година, но остана на власт и покрај критиките на противниците.

Од една страна, Курдите се идеална алатка за американската надворешна политика. Можат да ги вооружуваат Курдите секогаш кога некоја од овие земји во кои тие живеат ќе стане непријател или пак ќе ѝ дојде непослушна влада. Од друга страна, со помошта не смее да се претерува за да не дојдат прелесно до идеја за слобода и државност Курдите во другите земји кои останале на пријателските страни.