Близу 130.000 станови низ државата се ставени под хипотека. Според податоците од Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижности, за второто тримесечје од годинава, на овој начин на банките е пренесена сопственоста на околу 12 проценти од станбениот фонд во земјата.

Регистарот покажува дека од 1.079.255 станови колку што се регистрирани во Катастарот, хипотека е ставена на 128.840, или на точно 11,94 проценти од нив.

Половина од заложените станови се во Скопје, а главниот град во второто тримесечје од годинава е и рекордер според процентот на станови под хипотека во однос на вкупниот број, откако во изминатиот неколкугодишен период тој примат го имаше Неготино. Во Скопје во катастарот се запишани 315.260 станови, а од нив 62.185, или 19,72 процента се под хипотека. Тоа значи дека како сопственик на секој петти стан во катастарот е запишана банка.

Во Неготино сега на банки се пренесени имотните листови на 2.451 или на 19,19 проценти од вкупно 12.773 станови во општината.

Гевгелија е на третото место според процентот на заложени станови и тоа од вкупно 23.599, хипотека има над 3.782 или на 16,03 проценти.

Со станови под хипотека над државниот просек се уште Кавадарци од 12,05 отсто, Штип со 12,2 процента и Битола со 12,6 отсто од вкупниот број станови во општината.

Најмалку станови под хипотека има во Кратово, само 1,31 отсто и во Македонски Брод, каде што во банка се заложени 1,72 процента од станбениот фонд. Ова, како што појаснуваат агентите за недвижности, укажува на исклучително неразвиен и млитав пазар на недвижности во тие општини.

Инаку, на ниво на држава пазарот на хипотеки оди во нагорна линија, но бавно и се уште е далеку од развиените европски земји каде процентот на заложени станови е околу 30 проценти. Во истиот период лани во државата под хипотека биле 11,03 процента од становите. Во годината пред тоа хипотеки биле подигнати на 10,2 процента од вкупниот број станови во државата, додека во вториот квартал од 2016 година под хипотека се ставени  9,72 процента од становите.

Регистарот на цени и закупнини не прави разлика дали становите под хипотека се стари или нови, но може да се претпостави дека голем дел се новоградби, кои се заложени за да се купат со кредит од банка за период од 15 до 20 години. Исто така, не е објавен податок за бројот на отпишани хипотеки, односно успешно исплатен кредит по што сопственоста на станот се запишува на името на кредитокорисникот. Но, ако се прегледаат информациите за продажба на имот на веб-страниците на банките, ќе се види дека добар дел од граѓаните кои земале хипотекарен кредит останале без станот што го заложиле. Така, на веб-страницата на НЛБ банка може да се види дека на продажба е цела станбено-деловна зграда во Тетово по цена од околу 60 милиони денари. Стопанска банка Скопје, пак, ставила на продажба голем број станови во Гевгелија, но по некој има и во Велес, Радовиш, Струмица, Струга, Кичево, Скопје, Виница и во речиси сите други градови во државата. Продажба на таков имот имаат објавено и другите банки во државата. (С.В.)