„Кумановски акцијаши“ тргнаа во акција за почисто Куманово

32

Здружението „Кумановски акцијаши“ и Советот на општината ќе реализираат повеќе заеднички акции за пошумување, чистење на одредени локации и ќе спроведат заедничка програма за волонтерите. Претставниците од здружението, денеска се сретнаа со претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, по повод претстојниот Светски ден на волонтерите-5 декември.

Здружението достави предлог програма за работа и заеднички ангажман со советот на општината во делот на организирање еколошки акции, акции за чистење и идеи и сугестии за доброволната волонтерска работа.

– Градоначалникот и Советот на Општина Куманово продолжуваат во намерата да бидат активни поддржувачи на здруженија од ваков тип, со цел да се негуваат традициите на доброволното работно ангажирање, промовирајќи го волонтерството во сите сфери на општествениот живот-рече претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Од „Кумановски акцијаши“ истакнаа дека очекуваат заеднички проекти од кои корист ќе имаат кумановци.

– Веруваме дека во соработка со сите можеме да ја подигнеме еколошката свест кај граѓаните за да имаме конкретни резултати во унапредувањето на животната средина, изјави Јусуф Љатифи од „Кумановски акцијаши“.

„Кумановски акцијаши“ изминативе години организираа повеќе акции за пошумување, чистење на локации во различни населби и места во градот.