Куманово дава поддршка на акцијата „Генералка викенд“

255

Куманово денеска беше дел од акцијата за чистење „Генералка викенд“. Се чистеше на три локации во градот – градскиот кеј, дивата депонија пред населбата „Перо Чичо“ и кај комплексот згради на „Октомвриска револуција“.

„Генералка викенд“ ја спроведува „Ман Анд Моунтаин“ во соработка со Општина Куманово, екипите на „Чистота и зеленило“ и граѓански организации.

– Куманово дава поддршка на ваквите акции. Апелираме до граѓаните да внимаваат на животната средина, да го сочуваме градот чист – изјави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Даниел Стојчевски соопшти дека претпријатието регистрира десетина поголеми и триесетина помали диви депонии и апелираше до граѓаните да се воздржат од несовесно однесување.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска ги повика советниците да поднесат предлог идеи за чистење и уредување на одредени простори во градот, истакнувајќи дека заеднички ќе работат на подигнување на свеста кај населението.

Од општината информираат дека целта на акцијата е да собере што е можно повеќе отпад кој потоа ќе се носи до најблиската „Пакомак“ или локална станица за отпад. Со секои десет килограми отпад, се придонесува во засадувањето на новите пристапни шуми „Сончева гора – национални зелени споменици што ќе растат секоја година.

Акцијата за чистење „Генералка викенд“ е една од активностите што се спроведуваат за да се придонесе кон подигнување на јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно да се влијае на зачувувањето на животната средина.