“Ко то тамо пева“ е снимен за 21 ден, а главниот актер ќе се удавел…

439

„Отидов во кино и заклучив дека љубовта е она што ја привлекува публиката. Му реков на сценаристот Душан Ковачевиќ дека во сценариото за филмот “Ко то тамо пева” мора да уфрли љубовна сцена. Тој ги направи ликовите на Неда Арнериќ и Славко Штимац. Душко го напиша она прочуеното “И тата би, сине”. Пред тоа немаше љубов во нашиот филм“, изјави Бота Божидар Николиќ, директор на фотографија на споменатиот филм

“Кој тоа таму пее“ (Ко то тамо пева), еден од најпопуларните филмови на југословенската кинематографија, деновиве во Србија доби и печатена верзија, поточно издадена е книга со најинтересни случки од снимањето. Премиерата на филмот се случила на 3 октомври 1980, а на репликите од овој филм на Слободан Шијан и по неколку децении сè уште се смееме, ги повторуваме и ги прераскажуваме.

Книгата, која е дел од едицијата на Блиц, покрај кажувањата на актерите за снимањето кое трае помалку од еден месец, донесува и ексклузивни фотографии од сетот и други помалку познати детали од приказната за единствена група луѓе кои се најдоа во автобусот “Крстиќ и синови“, во пресрет на германската инвазија на Југославија на почетокот на Втората светска војна. Во филмот глумат Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Драган Николиќ, Данило Бата Стојковиќ, Миќа Томиќ, Славко Штимац, Ташко Начиќ…

Сепак, дури ни најголемите фанови на филмот не знаат дека малку недостасувало целиот овој филмски проект да го обележи голема трагедија. Една од најневеројатните приказни во српската кинематографија и добар показател на колегијалноста меѓу актерите се случила за време на снимањето на овој филм.

По игра на случајот Павле Вуисиќ го спасил животот на Бата Стојковиќ (тие се и едни од главните актери во филмот), во сцената во која ликот на Бата, откако беше прогласен за мртов, се појавува во реката. Кадарот е снимен во матната и ледена Тиса и безброј пати е повторуван така што Бата бил целосно измрзнат.

Она што не беше прикажано е фактот дека Бата речиси се удавил! Имено, бидејќи било студено, му нашле горен дел на нуркачки костум што требало да го носи под облеката. Бидејќи Бата бил крупен, тој одвај се вовлекол во него. Од силниот напор за движење низ калта до коленици, на Бата му се слошило, тесното одело го гушело, но на почеток филмската екипа не забележа ништо чудно. Само Павле, експерт за реката и човек кој поминал добар дел од својот животот покрај вода, сфатил во каква опасност е Бата. Тој скокнал во водата, извадил нож и го отсекол гумениот костум за Бата да дојде до воздух. Актерот веќе бил целосно помодрен.

Инаку, има и многу други интересни работи за филмот.

Така, снимањето започнало на 4 април 1980 година. Било договорено снимањето да трае само 21 ден, поради што се работело по 20 часа на ден. Не се користени рефлектори, па целиот филм е во кафени и црни тонови. Дури и за ноќни сцени, за главното осветлување бил користен камперскиот оган.

Тимот за снимање се собирал секое утро околу 5 часот, пред црквата Свети Марко во Белград. Иако Павле Вуисиќ во филмските кругови се сметал за “тежок за соработка, незгоден и некој што сака да испие некоја чашка”, се покажало дека Вуисиќ секое утро прв доаѓал, бил подготвен за снимање и трезен.

Приказна постои и за антологиската реплика “И тата би сине“ која ја кажува Павле Вуисиќ. Имено, Бота Божидар Николиќ, директор на фотографија на споменатиот филм, неодамна откри дека љубовната сцена, во која играат Неда Арнериќ и Славко Штимац, и во која се изговара репликата, е вметнати подоцна.

“Со  Зоран Калиќ го снимав филмот “Каков дедо таков внук” (Какав деда, такав унук) кој имаше половина милион гледачи. Му предложив на Ковачевиќ и Шијан да одат и да видат што им се допаѓа на луѓето. Тие го отфрлија мојот предлог. Отидов во кино и заклучив дека љубовта е она што ја привлекува публиката. Му реков на сценаристот Душан Ковачевиќ дека во сценариото за филмот “Ко то тамо пева” мора да уфрли љубовна сцена. Тој ги направи ликовите на Неда Арнериќ и Славко Штимац. Душко го напиша она прочуеното и “И тата би, сине”. Пред тоа, немаше љубов во нашиот филм“, изјави Бота.