– Сведочиме на резултати кои со децении ги посакувавме, а кои ги добиваме токму сега, работејќи посветено, со грижа и поддршка што засилено ги вложуваме во заштитата на црквата во Курбиново во последниве пет години. Сакам да истакнам дека конзервацијата на ѕидното сликарство на еден од највредните споменици на културата од византискиот период даде свој придонес и за унапредување на културната соработка и на билатералните односи на двете земји, размена на искуства и поврзување на стручната јавност. Оваа соработка е модел за идни соработки во сферата на заштитата и во афирмацијата на заедничките културни добра – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска откако заедно со амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, изврши увид на конзерваторските работи на црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново.

Проектот за заштита на црквата, фреските и на комплетното културно наследство го вршат Заводот и музеј – Битола и реномираниот Европски центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

Како што потсети Костадиновска-Стојчевска, заедничкиот проект е започнат пред две години, со стручњаци од двете соседни земји, а кои за првпат се сретнаа на вака високо институционално ниво.

– Во изминатиов период, колегите од Заводот и музеј – Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања и современите методи и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше. И стручната и пошироката јавност со право чекаа и бараа итна заштита на исклучително вредното културно наследство, на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, чии фрески се редок пример на византиското ѕидно сликарство – додаде министерката.

Таа истакна и дека заедничката работа помеѓу колегите од Солун и од Битола придонела за високо стручна конзервација на фрескоживописот од 12 век, на оригиналните фрески, меѓу кои е и фреската на Архангел Гаврил, познатиот Ангел од Курбиново.

На својот фејсбук-профил, таа напиша:

– Ангелот од Курбиново е конзервиран. Во тек е конзервацијата на ѕидното сликарство, едно од најретките од византиската уметност во светски рамки во црквата „Св. Ѓорѓи“. Оваа соработка, прва на институционално ниво помеѓу колегите од двете земји, ни овозможи долгорочна заштита на еден од најзначајните споменици на културата од византискиот период.

Амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, пак, истакна дека реализацијата на проектот е во функција и е пример на тесна билатерална соработка.

– Проектот ќе продолжи, за што ќе придонесат група конзерватори од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, предводени од д-р Флора Карајани, со поддршка на грчкото Министерство за култура, но и со други конзерватори од Грција – рече Филипиду.

Во оваа фаза од конзервацијата, стручните лица користеле современи технологии и техники на истражување, ласерско скенирање на објектот, инфрацрвени камера, мултиспектрална камера и други техники за да се утврди како работеле некогашните зографи и како ја граделе црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.