Наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2023 од областа на ликовната критика на Нада Пешева

57

Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ѝ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2023 година од областа на ликовната критика на Нада Пешева за проектот „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“. Комисијата во состав: Елена Вељановска, Владимир Јанчевски и Тихомир Топузовски ја донесе одлуката за наградата заради важноста, актуелноста и акутноста на истражувачката проблематика.

– Истражувањето се фокусира на женското учество во современата уметничка сцена, со посебен осврт на квалитетот и квантитетот на културните политики во стимулирање на учеството на жените во современата ликовната/визуелната уметност во Македонија во периодот на 1990-тите години, но и степенот на инклузивност на родови теми во рецентната уметничката продукција, посочуваат од „АИКА Македонија“.

Нада Пешева (1976, Скопје) дипломирала на катедрата на Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2000). Магистрирала на тема „Културна политика и менаџмент“ на Универзитетот на уметности во Белград (2013). Во моментот е докторанд на катедрата за Културолошки студии на Институт за македонска литература при УКИМ. Во потесен интерес на нејзината работа влегуваат ликовната теорија и критика, културниот менаџмент и политика, културниот туризам, културните индустрии и родовите прашања во културата.