Кон изложбата “За неа“ со дела која ја истакнуваат жената: Дали низ погледот на мажот-уметник жените успеваат да проговорат?

217

Изложбата која ќе може да се посети до крајот на месецов во Чифте-амам, а на чија листа на автори нема женски имиња, е оставена за толкување и можеби ќе може да одговори на прашањата кои ги наметнува професорката Ана Мартиноска, а тоа се: Дали низ погледот на мажот-уметник жените успеваат да проговорат или остануваат неми и пасивни модели или напротив, има уметници кои го дигаат гласот во нивно и во свое име?

“Поводот за изложбата ’За неа’ е 8 Март, еден од најзначајните празници од политички карактер, чија првична мотивација е мобилизација на жените за солидарна акција со цел промена на нивната општествена положба. Во изминатите стотина години од неговото прославување на нашите простори, таа мотивација постепено се менувала – од утопија до демагогија, од штрајкови и протести, па се до прослави во месни заедници, кафеански веселби и купување на букети за мајките и учителките. Денес, овој празник мораме да го поставиме во контекст на севкупната борба за родова еднаквост и подобрување на женските права во земјата, за гласно да заклучиме дека целта на Осмомартовските заложби се уште не е исполнета, ниту глобално, ниту локално“, посочува Ана Мартиноска, професорка на Институтот за македонска литература во својот говор кон изложбата “За неа“, поставена во Чифте-амам по повод Меѓународниот ден на жената.

На тематската изложба, посветена на жената видена преку очите на сликарот-маж, а чии куратори се Горанчо Ѓорѓиевски и Александра Зиновски-Вилиќ, претставени се 65 слики и 15 скулптури од колекцијата на Националната галерија на Македонија.

“Како во животот, така и во уметноста, жените не се хомогена категорија, па и овој ликовен избор прикажува жени од различни возрасти, класи, култури, средини и сфери од општественото живеење, жени во семеен, религиски или пак еротски контекст, светици и блудници, жетварки и дами, жртви и мајки… Сите тие се автентични рефлексиии на идеалната или идеализирана жена, која уметниците од неколку генерации од Македонија (Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески, Петар Мазев, Рубенс Корубин, Ацо Станкоски, Тодорче Атанасов и др.) и бившите југословенски простори (ВлахоБуковац, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Паја Јовановиќ…), ја овековечиле со помош на различни жанри, техники и стилови, балансирајќи меѓу интимното и социјалното, меѓу конзервативното и прогресивното…“, ќе додаде Мартиноска истакнувајќи дека родот мора да се чита како оска на односите на моќ во општеството, кој во голема мера ја детерминира уметничката репрезентација и на жените и на мажите, преку која ги следиме асиметричната хиерархија, социолошките и симболички разлики, начините на конструирање на женскоста и женственоста, идеалите, убавината, телесноста, сексуалноста…

За кустосот Горанчо Ѓорѓиевски, пак, жената како инспирација е постојано присутна во уметноста, во сите епохи и изми, од предисторијата, преку антиката и хуманизмот, па се до денес. “Содржински делата се поделени во повеќе теми и целини (почнувајќи од религиозни сцени, сцени од општествениот живот и учеството на жената во нив…, па се до сцени на еротизам)“, истакнува Ѓорѓиевски посочувајќи дека во изложените дела е претставена жената во сета своја убавина како мајка, идеал, борец, инспирација, љубовница, посакување…

Изложба која ќе може да се посети до крајот на месецов, а на чија листа на автори нема женски имиња, е оставена за толкување и можеби ќе може да одговори на прашањата кои ги наметнува Мартиноска, а тоа се: “Дали низ погледот на мажот -уметник жените успеваат да проговорат или остануваат неми и пасивни модели или напротив, има уметници кои го дигаат гласот во нивно и во свое име?“ и “Има ли такви кои пркосат на стереотипите и прикажуваат нешто друго освен архетипски и традиционални претстави?“ и за на крај всушност, “Што зборува тоа за женската позиција во македонското општество?“ (Н.И.Т.)