Во Куршумли ан утревечер (30 јули) со почеток во 21 часот, во рамките на манифестацијата “Скопско лето“ ќе се одржи концерт насловен „ВОДА“.

Пред присутните ќе настапат Давор Јордановски – клавијатури, Александар Секуловски – тапани, Оливер Спасовски – бас,Александар Јовевски – кавал/тамбура, Борче Кузмановски – клавијатури, Сања Шуплевска – виолина, Маја Кастратовиќ – пијано и Орце Ицковски – фагот.

Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови.

Познатиот пијанист, композитор и продуцент, Давор Јордановски и неговата група, „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелегентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук.

„Вода“ се храни од својата околина и зазема форма во контекстот на она што се изведува, отелотворувајќи, истовремено, спокој, чистота, промена, моќ и бес – исто како и самата вода.

Давор е роден и пораснал во Македонија, живее во Канада, а поминал и неколку години во Либија, како дете. Впечатоците од живеењето во таа култура останауваат со него додека расте во неговиот роден град Скопје, каде е под влијание на музиката од Балканот и Европа. Во Канада, синтезата на музичките култури во музиката на Давор еволуира во уникатен стил, „world fusion“ што успешно обединува бесконечен спектар на разновидни звуци, инструменти, аранжмани и чувства. Давор своето класично музичко образование го продолжува и надградува со истражување на разни музчики стилови, како поп, џез, R&B, музика за филм, jazz fusion, амбиентална, како и музика за симфониски оркестар.