Победата на Канада над Мексико во софтбол и осовјувањето на бронзениот медал на Олимписките игри во Токио, за Македонците од Северна Америка немаше да биде забележана ако најзаслужна за тоа не беше пичерот Џена Кајра, која има македонско потекло по мајка.

Канада победи со 3:2 по поентирањето од репрезентативката Џенет Лиунг, а канадските пичерки (фрлачки) Сара Гроуневеген и Џена Кајра имале успешно фрлање, елиминирајќи ги противничките батери (кои се обидуваат да ја одбијат топката со палка). Тоа им донело победа на Канаѓанките.

Софтбол е помалата верзија на попопуларниот бејзбол. Правилата се исти со разлика во полето од каде се фрла топката и големината на целиот терен. Најважната разлика е тоа што софтбол топката се фрла со замавнување од доле, додека во бејзбол фрлањето е со замавнување од горе или од страна.

Во биографијата на Кајра е наведено дека пред да настапи за националниот тим четири сезони играла како главен пичер на универзитетот Сиракуза, во Њујорк, и има многу освоени титули. Таа е и првата репрезентативка во софтбол која доаѓа од Сиракуза.