Компанијата „Кепс Монт гроуп“ бара дозвола за преработка на троската од Топилницата

193

Компанијата има дозвола за извоз на троска, а на 15 ноември 2023 година од општина Велес побарала „Б’ интегрирана еко-дозвола за работа во следните 4 години. – Бараат обновување на дозволата со проширување на дејноста со инсталации за дробење и мелење на опасниот отпаден производ на самото место, односно на само два километри северно од градот Велес, велат од Левица Велес.

Оттаму упатуваат апел за масовен одѕив на велешани на јавната расправа, а со тоа и доставување на релевантни забелешки во однос на барањето за нова еколошка дозвола. Во соопштение до медиумите од КЕПС МОНТ ГРОУП ДОО велат дека за сè што сработеле досега имале дозвола од надлежните и не станува збор за нов рудник, туку начин да се отстрани згурата, која со годините добила нова форма

 

 

Во Велес утре ќе се одржи јавна расправа во врска со барањето на компанијата „Кепс Монт гроуп“ ДОО Скопје да добие концесија за експлоатација на техногената минерална суровина – троска од велешката Топилница, со цел таа да се изнесе од Македонија. Депонијата со троска е рангирана на второто место на листата на најопасни историски еколошки жаришта. Иако Топилницата долго време не работи, сепак, присуството на околу два милиона тони троска, од кои голем дел се остатоци од металите обработувани таму низ годините, сè уште претставуваат сериозен извор на загадување на градот со тешки метали.

Екологистот од Велес, Игор Смилев, вели дека од компанијата „Кепс Монт гроуп“ планираат на црниот рид од Топилницата да отворат рудник/фабрика за преработка/екстракција на тешките метали од троската. На 15 ноември 2023 година компанијата побарала „Б“ интегрирана еко-дозвола за работа во следните 4 години. Бидејќи издавањето на „Б“ еколошките дозволи е под надлежност на локалните самоуправи, Смилев вели дека дозволата треба да ја потпише градоначалникот на Велес, Марко Колев.

– Јавната расправа по низа чудни околности и лични договори на релација Општина – Фирма е закажана на 25 декември 2023 во 13 часот во хотел „Глориус“ среде работно време, на 10 километри од Велес, спротивно на закон и на последниот ден од истекот на законскиот рок – вели Смилев.

Барањето за јавна расправа е поттикнато од советниците на Левица, кои сметаат дека на повидок е потенцијална еколошка катастрофа.

– Во 2019 год  компанијата „Кепс Монт гроуп“ ДОО Скопје добива концесија за експлоатација на техногената минерална суровина – троската со цел таа да се изнесе од Македонија. Меѓутоа, оваа фирма единствено што досега направи е што во 2019 година извезе 100 тони пробни количества суровина во Малезија, а во 2020 година уште 368,9 тони за Србија, Албанија, Турција и Косово што во споредба со количеството од околу два милиони тони троска е незначително и комплетно незадоволително. И наместо да се одземе концесијата од оваа фирма со оглед на тоа што не ги исполнила условите на договорот и да се најде друго решение со кое ќе се отстрани опасниот отпад, компанијата КЕПС МОНТ ГРОУП ДОО Скопје на истекот од „Б“ интегрираната еколошка дозвола која ја потпишува градоначалникот бара обновување со проширување на дејноста со инсталации за дробење и мелење на опасниот отпаден производ на самото место, односно само два километри северно од градот Велес – велат од Левица Велес.

Според дополнувањата на Законот за животна средина од 2022 година, се забранува градење или реконструкција на нови инсталации од тешка и загадувачка индустрија (Г1) на растојание помало од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје.

– Со оглед на тоа што граѓаните на општина Велес имаат право да бидат целосно информирани за какви било активности, мерки на заштита и евентуални последици врз животната средина, како и врз квалитетот на живот на граѓаните од промената на постојната инсталација со инсталации за ископ, дробење, мелење, сеење, загревање на минерални суровини кои би се вршеле на постојната локација, советниците на Левица побараа од општина Велес, компанијата КЕПС МОНТ ГРОУП ДОО да организира јавна расправа – велат од Левица.

Оттаму упатуваат апел за масовен одѕив на велешани на јавната расправа, а со тоа и доставување на релевантни забелешки во однос на барањето за нова еколошка дозвола.

Во соопштение до медиумите од „Кепс монт гроуп“ ДОО велат дека за сè што сработеле досега имале дозвола од надлежните и не станува збор за нов рудник, туку начин да се отстрани згурата, која со годините добила нова форма.

– При експлоатирањето на суровината, на просторот на кој се наоѓа троската се наиде на големи количества шут, песок и отпад, дури и од органско потекло, а во длабочина се наиде и на големи блокови на троска кои се создале под притисокот на натрупаниот материјал. За таа цел, Министерството за економија издаде Дозвола за изведување на рударски работи според дополнителен рударски проект од 1.11.2022 година. Концесионерот водеше постапка за проширување на концесиското поле за поставување на потребната опрема за отстранување и подготовка за товарање за извоз на суровината, бидејќи полето на кое беше доделена концесијата го опфаќаше само просторот (брдото) на кој се наоѓа троската. Со Анекс на Договорот за концесија од 26.06.2023 година, концесиското поле е проширено за 2 хектари – наведуваат од „Кепс монт гроуп“ ДОО.

Троската се проценува дека содржи шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид. Особено опасни се остатоците од тешки метали, како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум… кои и понатаму се сретнуваат во почвата и во земјоделските култури кои се одгледуваат во овој крај. Но, од концесионерот велат дека биле со скромно присуство околу 0,01 отсто и не биле слободни туку врзани со други елементи, па не претставуваат опасност по здравјето на велешани.

(С.Бл.)