По 10 години поминати во ААП Стихтинг – Холандија, нашиот Коко денеска се враќа дома, во скопската Зоолошка градина.

Во 2009 година, Коко беше единствено шимпанзо во Скопје Зоо, во тинејџерски години кога најмногу му треба друштво и љубов. Поради тоа што покажуваше знаци на анксиозност, но и поради несоодветното живеалиште, Зоолошка градина Скопје, заедно со неколку новинари во тоа време покрена иницијатива преку ЕАЗА, Коко да биде испратен на ресоцијализација.

ААП Стихтинг, една од најдобрите светски организации за ресоцијализација и спасување на животни, веднаш ги отвори вратите за наш Коко. Таму во текот на годините, стекна многу нови другари и меѓу вработените и меѓу шимпанзата. Но, ова прифатилиште спасува огромен број на животни од целиот свет и невозможно е сите да ги задржи таму долг временски период. Затоа се борат за секое рехабилитирано и ресоцијализирано животно да најдат соодветен дом, со постојани проверки и контрола на квалитетот и условите за живот.

Во Скопје, Коко и тројцата другари Мими, Роси и Хјасл ќе живеат во огромно живеалиште според светски стандарди, какво што бараат светските организации за заштита на животните. Има двоспратен внатрешен дел, со додатни простории за одмор, преглед и карантин. Надворешниот дел пак е збогатен со голем број реквизити, но е и одалечен од публика, со цел шимпанзата да го имаат својот мир и да не бидат вознемирувани од посетители. Живеалиштето се градеше долго време, бидејќи навистина за чување шимпанзо има многу посебни услови и критериуми кои треба да се исполнат.

Шимпанзата спаѓаат во редот на човеколики мајмуни и се најблиску до човечккиот род. Тие се многу интелигентни и емотивни животни и најчесто живеат во мали групи.

Мими, Роси, Коко и Хјасл се група која одлично се сложува и во Скопје ЗОО ќе добијат услови и љубов какви што заслужуваат. Приказните на Мими, Роси и Хјасл се премногу тажни, но благодарение на ААП, овие храбри шимпанза добија нова шанса за живот. Во светот пред само 5-10 години живееа околу 1.000.000 шимпанза.

Но, застрашувачки е фактот дека за толку кратко време се останати само 150.000 шимпанза и станаа загрозен вид. Особено се убивани во дивината, а малите бебиња земани за лабараториски експерименти, што е поразително и бескрајно сурово. Среќа, што на светот постојат и луѓе како ААП Стихтинг, кои безрезервно се залагаат да помогнат на сите шимпанза.