Ковачевски: ОАЕ ја ставија Северна Македонија меѓу приоритетните земји за идни инвестиции

35

Инвестициските можности и фокус секторите кои имаат потенцијал да привлечат свеж капитал беа презентирани на денешната средба во Абу Даби меѓу премиерот Димитар Ковачевски и Џамал Саиф Ал Џарван, генерален секретар на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати (UAEIIC) на која присуствуваа и министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Советот има главна улога за упатување и информирање на компаниите од ОАЕ каде да инвестираат и да го вложат својот капитал и при упатување за определување на нивната инвестициска активност.

Фокусот на инвестиции на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати се телекомуникациите, развој на недвижности, туризам, обновливи извори, инфраструктура, здравство, како и храна и прехранбена индустрија.

-Премиерот Ковачевски истакна дека она што е многу значајно во доменот на енергетиката во иднина за Северна Македонија, како и за земјите од регионот е диверзификација на изворите на снабдување со енергенси, и за таа цел се реализираат проекти кои на среден и долг рок ќе ја намалат зависноста и снабдувањето со енергенси од еден извор, информираат од владината прес-служба.

Нагласуваат дека беа разгледани начините и методите за искористување на сите можни потенцијали за унапредување и зголемување на трговската размена, која ќе придонесе за зголемување на економскиот раст.