Романот „Евангелието на трите самовили“ на Стојмир Симјаноски е исечок од животот, драма за барањето на идентитетот градена како словенска антитеза: појава, нагаѓање, погрешно одгатнување и на крајот откривање на болната вистина со што романот заличува на детективска приказна, но без криминалистички елементи.

„Главниот лик во романот – новинарот Дејан Грбески, наречен Чакар, дури на својата дваесет и петгодишна возраст е принуден да почне едно необично, колку истражувачко толку поразувачко патешествие, низ уште понеобичниот животен лавиринт низ кој се испреплетуваат неколку клучни триаголници кои не се само симболични клучови за откривање на судбинската тајна, туку се суштинска рамка на неговиот живот кој како целиот да е заробен во некаков митски триаголник во што се вклопува и насловот на романот“, ќе посочи издавачот „Македоника литера“.