Кина го забрани говорот на претседателот на ЕУ

121

Кинеските власти го забранија емитувањето на говорот на претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел во текот на церемонијата на отворањето на меѓународниот саем во Шангај.

Тоа го пренесоа белгиските медими и додаваат дека веста ја потврдил и портпаролот на Мишел, Баренд Лејтс.

Мишел ја снимил видео пораката која требало да биде емитувана заедно со пораките на другите светски лидери на отворањето на China International Import Expo (CIIE) во петокот.
„Кина треба да игра улога, користејќи го своето влијание, да ја запре бруталната војна на Русија. Вие можете да помогнете оваа ситуација да се прекине“, рече Мишел во пораката.

„Претседателот Мишел е повикан да се обрати на оваа церемонија. Како што бараа кинеските власти, ние навистина испративме претходно снимена порака, која на крајот не беше емитувана. Разговаравме за тоа преку нормални дипломатски канали“, рече Лејтс.

Кинеските министерства за надворешни работи и трговија, организаторите на саемот и градската влада на Шангај не беа достапни за коментар, наведуваат белгиските медиуми.