„Како ќе го делиме мачорот?“ е насловот на најновата претстава во Театарот за деца и младинци според текст и во режија на Јане Спасиќ, која својата премиера ќе ја има на 22 ноември во 20 часот.

Режисерот Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади, Џуди Блум, го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија и она низ што минуваат децата и родителите во тој процес.

„Непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу-темите, и ги прикажува повеќето стравови на децата и родителите и притоа, ги поставува вообичаени прашања и перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при овој тежок процес.

Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади кои го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родители да ја разберат нивната позицијата и потреби. Од друга страна таа, на еден свој начин е „другар“ на сите кои минале низ ова, едно место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и останати членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни“, велат од Театарот за деца и младинци.

Иако, се бави со една тешка тема, претставата посочуваат, релативно лесно, „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши.

Во претставата играат: Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска,

Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска.

Драматизацијата е на Јане Спасиќ, сценографијата на Кирил Василев, а костимограф е Бранкица Јордановска.

Изборот на музиката и звучната обработка се исто така на Јане Спасиќ. Авторот на промотивниот материјал е Матеја Николиќ.

Претставата е наменета за возраст над 12 години.