Како основа за поевтинување на храната ќе се земат цените од 1 август, минатиот месец цените полудеа

Цените од 1 август ќе се земат како референтни за најавеното поевтинување на повеќе од 50 основни прехранбени производи во земјава од наредната среда, изјави премиерот Димитар Ковачевски. Како што истакна, поскапувањето се случувало најмногу после 1 август, затоа е земено и како репер, но тоа не значи дека при анализата нема да се земат предвид и цените во јули. Според податоците на ФАО, берзанските цени во Европската Унија се за една четвртина пониски отколку кај нас. Храната на берзите во ЕУ е зголемена за 11 отсто, а во Македонија за 46 отсто. Граѓаните се надеваат дека конечно ќе се стави ред во трговијата и оти поскапувањето нема да падне само врз нивниот грб

51

Цените од 1 август ќе се земат како референтни за најавеното поевтинување на повеќе од 50 основни прехранбени производи во земјава од наредната среда, изјави премиерот Димитар Ковачевски. Како што истакна, поскапувањето се случувало најмногу после 1 август, затоа е земено и како репер, но тоа не значи дека при анализата нема да се земат предвид и цените во јули.

– Ги анализиравме цените и практично покачувањето се случува најмногу после 1 август, затоа го земавме како репер. Но, тоа не значи дека нема да се земат предвид и другите елементи, па и јули. Анализата се прави, сметам дека до крајот на викендов ќе биде завршена. Најважно е дека се носи мерка со која ќе бидат прекинати секакви можности за манипулација со промоции на цените и тоа што се одржа состанок на кој трговските ланци изразија волја за намалување на цената за најмалку 10 отсто, како и дека нема да биде земена како рефрентна цената денес, туку цената што се наоѓа во период зад нас, потенцира Ковачевски.

Ковачевски исто така информираше за одлуката за забрана на акции и промоции на прехранбени и земјоделски производи во трговијата на мало, со цел заштита на граѓаните од манипулации со цените. Одлуката е донесена со цел да се спречи злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки и со неа ќе се намалат можните манипулации при продажба на земјоделски и прехранбени производи. Исто така ќе се намали и спречи нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. Одлуката е со цел граѓаните да ја знаат точната и реална цена на прехранбените производи, и да не се доведуваат во заблуда со цените на прехранбените производи.

Оваа одлука е дел од низата одлуки кои нè очекуваат наредниот период, а кои ќе се однесуваат на замрзнување на цени на ниво под нивото кое го гледаме денес во продавниците.

Министерот за економија имаше конструктивна дебата со најголемите супермаркети во земјава на која заеднички се согласија дека има простор за намалување на цените на основните прехранбени производи.

Станува збор одлука за намалување на цените на над 50 основни прехранбени производи од кои 90 насто се даночат со 5 отсто ДДВ, а останатите со 10 отсто ДДВ. Со замрзнување на над 50 основни прехранбени производи се предвидува цените да се намалат за минимум 10 отсто бидејќи за тоа апсолутно има простор.

Најважно од сè сега е потрошувачите да не се чувствуваат измамени, и на тоа и ќе се работи и во иднина. Следат и измените и дополнувањата на Законот за пазарниот инспекторат, со кои ќе се зголемат ингеренциите на инспекторатот со што инспекторите ќе можат да постапуваат побрзо и да бидат поефикасни.

-Воедно со Законот за нефер трговски практики, на којшто се работи веќе на негова изработка, планот е да се укинат речиси над 20 отсто од одредени давачки во ланецот трговија, почнувајќи од производство со што дополнително ќе се влијае во намалувањето на цените во малопродажбата. Овој закон постои во најголем број од земјите членки на ЕУ и кога ќе биде изготвен ќе видите дека во целост или во најголем дел се совпаѓа со такви закони за заштита од нефер трговски практики. Доколку анализите покажат потреба, и ако има нарушувања, фазно ќе се оди и со намалување на цените и во другите сектори, додаде Ковачевски.

Според податоците на ФАО берзанските цени во Европската Унија се за една четвртина пониски отколку кај нас. Храната на берзите во ЕУ е зголемена за 11 отсто, а во Македонија за 46 отсто. Граѓаните се надеваат дека конечно ќе се стави ред во трговијата и оти поскапувањето нема да падне само врз нивниот грб. Одлуката за замрзнување на цените на 50 основни прехранбени производи треба да биде донесена на владина седница во вторник идната недела.

(А.С.)