Изминатава деценија, семејството Шумехер е како проколнато. По несреќата што му се случи на легендарниот Михаел Шумахер за време на скијањето на француските Алпи во 2013 година, неговиот син, Мик, имаше жесток судир во Формула 1 минатата година, а сега се случи нова несреќа. Имено, талентираниот возач Дејвид Шумахер (20), внук на Михаел и син на Ралф, се здоби со повреда на ‘рбетот за време на трката во ДТМ-шампионатот што се одржа на познатата патека Хокенхајм.

Синот на поранешниот Формула 1 возач Ралф Шумахер имаше жесток судир со колегата Томас Прејнинг. Двајцата испаднаа од трката, удрија во заштитната ограда и во прв момент се чинеше дека сè е во ред со Шумахер.

Сепак, по деталните прегледи во болница, утврдено е дека Дејвид има повреда на `рбетот. Скршен му е еден пршлен и ќе мора да паузира.

  • Дејвид дојде дома и се пожали на болки во грбот. Решивме да одиме на преглед во Салцбург и се покажа дека му е скршен пршленот. Тоа значи дека ќе мора да паузира шест недели – изјави неговиот татко, Ралф Шумахер.

За среќа, Дејвид нема да загуби премногу ако оди на пауза. Со оваа трка заврши сезоната во ДТМ и тој ќе има доволно време да закрепне за новата сезона.

Инаку, за несреќата, Дејвид го обвинува својот колега од патеката – Томас Прејнинг, а поради обвинувањата се огласи и неговата мајка Кора.

  • Најважно е дека Дејвид е добро. Не е во ред Томас да дава какви било коментари без претходно да се погледне себеси. Лесно е да се обвини некој друг – истакна Кора.

Шампионатот оваа сезона беше освоен од јужноафриканскиот возач Шелдон ван дер Линде, кој возеше за тимот на БМВ. Со 164 поени, тој беше пред Австриецот Лукас Оер (Мерцедес) и Германецот Рене Раст (Ауди).

Давид Шумахер не освои бодови оваа сезона и е еден од седумтемина возачи на кои не им успеа тоа, но најважно е што не заработи уште посериозна повреда и што наскоро повторно ќе биде подготвен за трки.

Инаку, за неговиот вујко, легендарниот Михаел Шумахер, сè уште ништо не е познато кога е во прашање здравствената состојба. Се пишува дека не може да зборува и дека мимиките ги користи како средство за комуникација.