И за менување чешма ќе плаќаме „дебело“, дневниците на мајсторите се качија на 3.000 денари

Останавме без мајстори во државата. Граѓаните се жалат дека со денови чекаат некој да им поправи бојлер или да им смени чешма. За цените и да не зборуваме, велат дека за обична поправка земаат 1.000 денари и дека им се качила дневницата на 3.000 денари. Причината, според градежните експерти, е што нашето образование не продуцира млади кадри за потребите на градежништвото, а оние што се поквалитетни, заминале на работа во странство, за повисоки плати. Градежните експерти велат дека проблемот со недостигот на градежни занаетчии ги попречува работењето на компаниите и секојдневниот живот на граѓаните. Граѓаните не може да најдат мајстори за поправки во домот, а и кога ќе ги најдат, треба „дебело“ да ги платат

474

Останавме без мајстори во државата. Граѓаните се жалат дека со денови чекаат некој да им поправи бојлер или да им смени чешма. За цените и да не зборуваме, велат дека за обична поправка земаат 1.000 денари и дека им се качила дневницата на 3.000 денари. Причината, според градежните експерти, е што нашето образование не продуцира млади кадри за потребите на градежништвото, а оние што се поквалитетни, заминале на работа во странство, за повисоки плати.

Градежниот експерт Никола Велковски вели дека проблемот со недостигот на градежни занаетчии ги попречува работењето на компаниите и секојдневниот живот на граѓаните. Граѓаните не може да најдат мајстори за поправки во домот, а и кога ќе ги најдат, треба „дебело“ да ги платат.

– Проблемот е што нема излезено млади кадри во занаетчиството. Оние што беа поквалитетни, отидоа во Хрватска, а потоа, оттаму, за Германија, за повисоки плати. Имаме сериозен проблем, сега ги качија цените поради тоа што има недостиг на електричари, мајстори за водовод, канализација, машински инсталации… Има нешто гипсари и плочкари, но и тие се малку за да се задоволат потребите на пазарот – вели Велковски за весникот ВЕЧЕР.

Според него, никој не сака да сфати дека занаетчиите се многу ценети и оти треба да им се посвети повеќе внимание на занаетите. Образованието треба да се приспособи на потребите на пазарот, треба да се стимулираат младите да се запишуваат во занаетчиски школи, а не само да се форсира продуцирањето високообразовни кадри.

– И да се доведат работници од Непал, Индија, Турција, треба да се обучат, бидејќи се неквалификувани. Кога ќе ги обучат за две-три години, и тие ќе избегаат од Македонија и ќе заминат во европските земји. Од друга страна, дозволивме земјите од регионот да организираат саеми за вработување кај нас и да ни го земаат кадарот – додава Велковски.

И граѓаните се жалат дека многу тешко се наоѓа мајстор за обични поправки во домот како поправка на бојлер, замена на чешма… Велат дека сите се зафатени или бараат премногу пари. Занаетчиите го искористија тоа што нема доволно ваков кадар и двојно ги качија цените, па така и за мала поправка земаат најмалку 1.000 денари. Дневниците на градежните занаетчии, плочкари, гипсари се повисоки и се движат околу 3.000 денари.

Според статистиките, во Македонија има околу 10.000 регистрирани мајстори, од кои само 2.000 се електричари и водоводџии. Оваа бројка е далеку под оптималната за една земја со 2 милиона жители и со над 600.000 домаќинства.

Причините за оваа ситуација, според градежните експерти, се ниската цена на работната рака, недостигот на образование, конкуренцијата од странски мајстори, немањето интерес од младите генерации…

Тие предупредуваат дека оваа криза може да има сериозни последици врз квалитетот на живот на граѓаните, како и врз економскиот развој на земјата. Затоа апелираат државата да преземе мерки за поддршка и за стимулација на занаетчиите.

 (А.С.)