“Иста судбина“ со медената Атиџе Муратова и Сузана Турунџиева

482

Короната не успеа да ни ја убие желбата за музика, а ова е песна во која многумина ќе се пронајдат, вели Турунџиева

Пријателството на Сузана Турунџиева, нашата позната пејачка, водителка и писателка, со светски познатата Атиџе од документарецот “Медена земја“ постои откако таа ја посети во Бекерлија, каде што Атиџе Муратова го живее својот сосема скромен сиромашен живот.

Меѓутоа оваа тажна пандемија која наметна многубројни ограничувања на контакти и движења си го направи своето. Сепак, во целата таа ситуација луѓето се снаоѓаат, запазувајќи ги сите мерки на здравствената заштита. Турунџиева е длабоко искрена во врска со пријателството со Муратова. Филмот и судбината на напатената Атиџе, човечки многу ја погоди. Признава дека емотивно ја исплакала секоја сцена, секој нејзин збор. И така ден по ден, месец по месец од контактите и дружењето со Атиџе меѓу нив две се роди вистинско пријателство.

Нема трошка интерес, нема ништо заткулисно, има само безгранично другарување, разбирање, почитување. Сузана дури и роденден и има направено на Атиџе во Скопје што за медената наша беше како празник. Голем настан. Таа никогаш своите родендени не ги славела. Сега после сите убави случки, уште една. Имаат снимено и заедничка песна. Се вика “Иста судбина“. За оваa нивната музичка судбина заслужни се авторот на музиката Роберто Кентаур Поп Димитров и авторот на стиховите популарниот Огнен Неделковски.

-Сосе сите ограничувања и забрани што ни ги наметна короната, на сите ни проектира ИСТА СУДБИНА, ама не успеа да ни ја убие желбата за музика. Бескрајно благодарам за укажаната доверба и за песната во која многумина ќе се пронајдат, порачува емотивно Сузана.
Песната официјално ќе биде промовирана оваа сабота во Штип од 18.00 часот во “Дом на млади“. Интересот кај публиката и медиумите е преголем.   Д.М. фото:ФБ