Европската унија соопшти дека „нема да го признае планот за какви било измени на границите од пред 1967 година, имајќи ја предвид изјавата од вторникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека доколку следната недела на изборите добие нов премиерски мандат сака да ја анексира Долината на реката Јордан, јави ДПА.

-Акција преземена во овој контекст, ќе ги поткопа можностите за решението за две држави и изгледите за постигнување конечен мир“, изјави портпаролот на ЕУ.

И арапските нации го осудија планот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анектирање на дел од окупираниот Западен Брег.

Официјални лица од Јордан, Турција и Саудиска Арабија остро го критикуваа тој потег, додека Арапската лига го оквалификува како „агресија“. Палестинскиот дипломат Саеб Ерекат рече дека анексијата би била „воено злосторство“ и „ќе уништи какви било шанси за мир“.

Израел го окупира Западниот Брег во војната во 1967 година, а Палестинците сакаат да го добијат тоа подрачје во идната држава. Нетанјаху порано инсистираше на тоа дека Израел секогаш ќе биде таму од безбедносни причини.

Арапската лига објави дека планот на Нетанјаху ќе го наруши меѓународното право и ги „торпедира“ темелите на мирот.