Шилегов: Скопје е во добра стартна позиција со три фундаментални мерки против загадувањето

101

Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, топловодната мрежа, гасоводот и новиот систем на јавен транспорт се три фундаментални проекти кои, за жал, главниот град во изминатите три децении ги пропуштил и поради тоа, скопјани сега живеат од таквите последици.

– Град Скопје ја доби топловодната мрежа, го заокруживме гасоводниот прстен околу градот Скопје, стратегијата за секундарната и терцијарната гасификација се утврдува на државно ниво, но градот инфраструктурно е спремен да влезе во тие циклуси. Во финални преговори сме со Владата и за финансирање на новиот систем на јавен транспорт во нашиот град – рече Шилегов посочувајќи дека овие мерки се среднорочно решение на проблемот на загадениот воздух.

Покрај овие, според него, фундаментални мерки, како четврти важен аспект ги нагласи подобрените перформанси на градската инспекција.

– Градот е поставен во добра стартна позиција. На 19-ти имаме седница на Советот за градски енергетски системи, со што ќе отвориме формална можност да се јавиме ако апликанти пред Регулаторната комисија за да добиеме лиценца за дистрибуција, а по Нова година за снабдување. Така што, очекувам дека некаде кон крајот на оваа или почетокот на идната година, целосната контрола врз топловодната мрежа ќе ја преземе Град Скопје. Тоа го става градот во позиција да може да креира социјални програми што ќе може да им ги понудиме на граѓаните, за централното затоплување да биде еден од најеколошките и најевтините начини на затоплување на домовите – истакна Шилегов.

Тој потсети дека во училиштата и градинките на Град Скопје се распределуваат инвентори, а со Владата ќе имаат работни средби за парични средства преку Електрани на Македонија за некои општини вклучително и во Град Скопје.