ИНТЕРВЈУ СО ГОРАН МАРКОВСКИ: Македонија е со изразена сеизмичност, треба да бидеме внимателни во градбите!

1955

Вознемирувачките слики од Турција по катастрофалниот земјотрес што предизвика големи материјални штети и огромен број загубени животи под урнатините, беше повод да поразговараме со деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, околу безбедноста и сигурноста на градбите во Македонија.

*Граѓаните се вознемирени од сликите што ги гледаат од Турција, по катастрофалниот земјотрес. Има ли место за паника во однос на префрлање на ослободената енергија оттаму на наше тло?

– Зависи која ни е границата за паника. Таа енергија што е ослободена на тој расед, кој е еден од поголемите раседи што двојат две тектонски плочи,  директно да се пренесе дотука, претпоставувам дека не постои таква опасност. Но, тоа не значи дека не треба да бидеме свесни за опасноста, односно хазардот што произлегува од ваквите сеизмички активности и дека треба да бидеме постојано будни. Сметам дека предалеку е за таков вид поврзаност, но ова треба да ни користи за потсетување колку е важно градежништвото и колку е битен квалитетот на градење.

*Споменавте за квалитетот на градење. Се води ли кај нас сметка за квалитетот и безбедноста на една градба?

– Во однос на регулативата, доста сме регулирани. Значи, тука не можеме да се пожалиме. Постои строга регулатива во тој поглед и сме една од ретките земји во кои е пропишан таков вид контроли и на проектирањето и на градбата. Од 2013 година, во Законот за градење е вметната дополнителна контрола на сеизмичката стабилност, носивоста и механичката отпорност на конструкциите, која до скоро се работеше во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Сега, колку што знам, има уште два такви института, кои паралелно работат такви стручни мислења. Покрај тоа што го даваат стручното мислење, се обврзани да излезат на терен барем два пати во текот на градбата. Сметам дека со таа одредба, одредени ризици се елиминираа од неквалитет, но тоа не е целосно. Ако сите учесници во градбата не се свесни, не се одговорни или немаат соодветен степен на знаење, не можеме да стигнеме до квалитетна градба.

Треба да бидеме свесни за тоа. Мора сите чинители во процесот на градење да поседуваат одговорност и знаење за на крај да имаме квалитетна градба. Колку и да е тоа централизирано регулирано, невозможно е да ни дава стопроцентна гаранција дека ќе дојдеме до она што го сакаме, а сите сакаме да спиеме мирно и да имаме квалитетни домови, работни места, јавни простории, други згради, итн.

Многу е тешко и неблагодарно да се даде генерална проценка за квалитетот на градбите во Македонија. Една граница ни е многу јасна, пред скопскиот земјотрес од 1963 година и по него. Оттогаш има сериозен напредок во квалитетот на градење. Не градиме лошо, би рекол, но може многу подобро. Имам впечаток како да го подзаборавивме скопскиот земјотрес, што се должи на времето што е поминато. Се должи и на стасувањето на нови генерации инженери, како и на општествените збиднувања, односно губењето на некои категории кои во минатото беа многу значајни, како, на пример, срамот. Во минатото беше срамно да направите лош проект, беше срамно да излажете за некои резултати за квалитетот на материјалите, итн. Срамот, за жал, исчезна како општествена категорија и со тоа треба да се позанимаваат психолозите и социолозите. Мора да постои точно утврдена одговорност на сите чинители во градбата, сè уште го немаме тоа. Мора да постои и висок степен на знаење, што е најтешкото, бидејќи за знаење, потребни се време и систем на доживотно учење, а тоа, за жал, кај нас го нема.

Во овој период, ретки се сериозните градежни компании во кои се остварува генерациски пренос на знаење и кои вложуваат во знаењето на своите инженери. Сето тоа придонесува да имаме место за подобрување.

*Дивоградбите и нивната легализација. Колку се безбедни ваквите објекти од конструкторски аспект, затоа што по нивната легализација, влегуваат на пазарот на недвижности?

– Никој не знае колку се безбедни. Голем е проблемот со дивоградбите од многу аспекти, но најмалку што требаше да се направи е стручни лица да извршат одредена проценка на квалитетот на градбата и тоа да влезе како документ, и ќе ја следи судбината на дивоградбата во текот на нејзиниот „живот“. Многупати сме го иницирале ова прашање и не сме добиле конкретен одговор зошто е тоа така и зошто е прескокнато ова. Се вршеа геодетски мерења при процесот и беше побитно дали некој објект е покус за некој сантиметар од тоа каква е конструкцијата. Се разбира, со груба проценка не може стопроцентно да се тврди за квалитетот на дивоградбата, но ќе можеше да се изврши одредена категоризација.

Имавме истражување во таа област како може со таков вид визуелни проценки да се категоризираат објектите, тоа не било прифатено во ниту една постапка на легализација на дивоградбите. Тоа е, веројатно, поради немање слух на оние што носат одлуки. Претпоставувам дека им се чинел премногу компликуван процесот или трошоците за легализација сигурно би пораснале, ама тоа би било минорно во однос на она што ќе се добие. Сметам дека е направен голем пропуст со тоа што во ниту еден закон за легализација, конструкциите не се третираат. Да не заборавиме, не се легализираат само ниски објекти, туку и станбени згради кои со себе носат многу поголем ризик за безбедноста на луѓето. Дури и мал индивидуален објект за оној што го поседува е цел свет. Тоа му е дом и утре може да го продаде и да стане нечиј друг дом или, пак, да го наследат неговите поколенија. Што тогаш?

За Македонија, како област со изразена сеизмичност, овие работи треба да имаат приоритет.

*Колку се сеизмички сигурни надградбите и доградбите на објектите?

– Тие се посебна приказна. Во Македонија, тоа е една девијација на промената на системот. Тие не само што не ги исполнуваат урбанистичките и архитектонските стандарди, најлошо е што не ги исполнуваат конструкторските стандарди во најголем број случаи. Тоа е една авантура во која не смеевме да влеземе, а започна во 90-тите години на минатиот век, кога го дочекавме влегувањето на приватниот капитал во градежништвото неподготвени, без соодветна законска регулатива и без соодветна свест колку е моќен приватниот капитал и колку може тој да отвора порти на различни нивоа. Таму одлуката е профитот. Повредливоста на тие објекти е многу поголема отколку на објектите што се изградени од почеток како што треба.

За жал, голем дел на тие доградени и надградени објекти се од пред земјотресот, потоа некои се санирани или делумно санирани, некои градежно закрпени. Таквите, сами по себе, се повредливи и со накалемена доградба или надградба стануваат уште почувствителни. Тоа е уште еден минус на нашава предолга транзиција и нешто што, за жал, тешко може да се смени.

*Има ли импровизации во градењето? Што е во руралните средини каде што објектите се градат од локални мајстори?

– Ако се мајстори од стар ков, и добро е, затоа што на времето и ние, инженерите, учевме од нив. За жал, такви мајстори има сè помалку. Има импровизации во градењето, има и во руралните и во урбаните средини. Импровизациите започнуваат уште со изработка на деталните урбанистички планови, и воопшто не се консултираат градежни инженери.

Една од причините за сериозните последици од земјотресот во Турција е што во такво сензитивно подрачје има густо населени градови. Едното со другото само ја мултиплицира катастрофата. Таму каде што се знае дека некои делови од град се сеизмички сензитивни, таму треба да се избегнува градење. Импровизации има и во фазата на проектирање, и на градење и во фазата на контрола на квалитетот на материјалите.

Најлоша е технокорупцијата, во која се нарачуваат резултати за квалитетот на материјалите, какви сакате да добиете, такви и ќе ги добиете, во која се затскриваат пропустите, што е најголемо зло. Секоја грешка може да се коригира, но најлошо е кога се кријат тие и како тајна ќе бидат вградени во конструкцијата. Ама тајните излегуваат на виделина во вакви случаи како во Турција. Не смееме да го дозволиме тоа, натаму да се проширува.

*Во однос на импровизациите, дали можеме да се сомневаме во сигурноста и безбедноста на градбите?

– Не би сакал да се создаде паника со ова. Не можам да кажам дека градиме лошо, сепак, Македонија има изградено конструкторска асеизмичка школа и Скопје беше центарот за асеизмичко градење на поранешна СФРЈ, па и во Европа и светот. Можеме и подобро да градиме и не треба да се задоволуваме со она што го имаме во моментов. А, ги детектираме местата каде што се појавуваат одредени слабости. Наша должност е да реагираме брзо, да не ни се случи некаква катастрофа, да бидеме мирни и она што го имаме, ни дава доволна безбедност дека нема да имаме жртви при земјотреси што ќе ги има.

Не сакам да бидам сфатен дека треба да стравуваме. Но, има одредени авантури што треба да ги елиминираме во градежништвото.

Светлана Блажевска – Фото: Ѕвонко Плавевски