Македонската уметница Виолета Чаповска, која подолго време живее и твори во Австралија, со делото „Мерка на растојание“, е годинашен победник на 18. „Зимски салон“ на ДЛУМ на зададената тема „Првиот грев – првата доблест“. Таа за весникот ВЕЧЕР, директно од Австралија, вели дека делото е резултат на нејзиниот долгогодишен интерес на темата револт и жени активисти, кои се борци во различни домени на дејствување: воени, политички и легални…

Ја добивте Гран-при наградата на 18. „Зимски салон“ на ДЛУМ, а Вашето дело „Мерка на растојание“ претставува три портрети на жени кои се борат против неправдата, нееднаквоста и насилството…

Делото „Мерка на растојание“ е резултат на мојот долгогодишен интерес на темата револт и жени активисти, кои се борци во различни домени на дејствување: воени, политички и легални. Хана Арендт, како млада студентка на Мартин Хајдегер, беше првата жена чиј портрет го изработив. Фразата ‘баналноста на злото’ е преземена од нејзиното контроверзно толкување на судењето на нацистот Адолф Ајхман во Ерусалим. Пакистанката Мухтар Маи, како жртва на сексуално насилство денес е поборник за женски права и образование на девојчиња. Седумнаесетгодишната Виетнамка Лам ти Деп, пак, е третата алка во оваа серија. Како Виет конг војник, таа е претставена со американска пушка и претставува симбол на отпор и непокор.

Според образложението за наградата, Вие бевте единствениот уметник на оваа изложба кој ја обработува непослушноста како потреба во модерното општество. Што за еден уметник значи непослушноста?

Непослушноста како тема во моето дело, се надоврза совршено со концептот на кустосот на 18. „Зимски салон“, Кирил Пенушлиски. Непослушноста е суштествена во моето искуство како уметник. Често, мојата уметничка пракса се занимавала со феминистички теми, теми кои ги опфаќаат проблемите на родовата политика и криза на идентитет, нашиот однос со околината и природата, рефлектирајќи го мојот живот меѓу двете култури.

Неодамна пред македонската публика се претставивте со ленд принт проектот „Сол“, преку фотографии, видео и инсталација, а изведен во јули 2018, на Малото Езеро, Пелистер. Кој беше поттикот за овој проект?

Мојот трет и последен Ленд -принт проект „Сол“, на Малото езеро Пелистер (2018), беше претставен во Скопје во декември 2019/ јануари 2020 во Отвореното графичко студио, при Музејот на Град Скопје, што беше совршен и чист простор за мојата изложба. Терминот ‘Ленд Принт’ беше скован од оригиналниот кустос на овој долготековен проект, Сузана Милевска, со која имав голема среќа да соработувам на сите три проекти: „Малото езеро“ (1994), „Јас и окото“ (1996); но и на многу други проекти

Фасцинацијата со посебниот локалитет на Малото езеро започна како воодушевување кон нејзината мала величина и скоро перфектна округла површина, концептот на возвишеното, привлечноста на недопрената и далечна природа. Солта беше единствениот елемент присутен во овој проект, и како и во претходните проекти, целта ми беше да спојам елементи од двете различни поднебја, кулинарска сол купена од пазарот Ѓорче Петров во Скопје и езерска сол од древното езеро „Кристал“ од Западна Австралија. Солта е одбрана како природна супстанција, со која планирав да го заокружам езерото со една бела линија. Тоа на крајот не се оствари и проектот на некој начин остана ‘незавршен’. Солта која ја искористив за подната инсталација во галерискиот простор беше наводно увезена од Египет преку Албанија, така што со тоа, непланирано, се воведе и една нов елемент од друг континент. Една од причините што работењето во Македонија има огромна и драгоцена важност за мене е тоа што голем дел од моето семејство секогаш е на некој начин ангажирано во моите проекти, како Исток Чаповски (видео и фотографија), Горазд Чаповски (музика) на проектот „Сол“, како и практичната и техничка соработка со уметникот Борис Петровски во остварување на подната инсталација на 1 тон сол, и помошта што ја добив од татко ми Иван и мојата снаа Сузи во транспортот на солта, претставуваше незаборавно искуство.

Подолго време живеете и работите во Австралија… Колку често сте во Македонија?

Во Македонија доаѓам обично двапати во годината. Целата моја фамилија живее во Македонија, моите најдраги и најблиски пријатели се во Скопје и не би можела да замислам да не ги видам подолго време. Отсекогаш сум велела дека моите студија се на две места и мојата уметничка пракса секогаш ги опфаќала и двете земји. Едни од моите најбитни уметнички проекти се остварени во Македонија, како проектите на Малото езеро, видеото „Мајчина група“ (Скопје и Мелбурн, 2000), инсталацијата „Телесни течности“ (1999) и „Фамилија“ (2013-2015). Исто така, еден подолг период соработував со мајка ми Вера на мултигенерацискиот проект „Светликавост“ (2006-2011), во кои мајка ми интервенираше со вез и монистра на некои од моите дела.

Работите со графика, перформанс, видео, фотографија. Поле на интерес во вашата ликовна практика се културолошките концепти, прашањата за идентитет, родова еднаквост. Која е вашата уметничка преокупација во моментов?

Во последните две години работам на серија на видео дела кои се снимани во Скопје и Мелбурн, со работен наслов „Конверзации за идентитетот“, во кои разговарам со уметници во нивните студија и различни места на работа. Се подготвувам исто така да ги презентирам сите три Ленд принт проекти на Малото езеро во една поголема и поамбициозна изложба во Мелбурн идната година. Исто така работам на планирање на изложба, претежно на видео дела и инсталации, во која ќе учествуваат уметници од Македонија и Австралија, а со која се надевам ќе се отворат нови можности за соработка меѓу уметниците од двете земји. Секако се радувам и за мојот двомесечен студиски престој во Париз во ноември, благодарение на наградата Гран-при на Зимскиот салон, кој секако ќе биде поттик за ново дело.

(Н.И.Т.)