(ИНТЕРВЈУ) Коста Маневски: Зелениково е оаза на мир и зеленило, магнет за викендаши!

Општина Зелениково сè повеќе станува општина на нерезидентно население и викенд-жители, што, за нас, е, искрено, голем комплимент, затоа што тоа значи дека Општината е оаза на мир и зеленило. Но, она што ни е врвен приоритет и капитален проект е изградба на градинка со капацитет до 100 деца и правиме сè да го реализираме ова, бидејќи, како родител на три деца, знам колку е важно децата од предучилишна возраст да бидат соодветно згрижени, без тешкотии за родителите и за остатокот од семејството

1748

Анела ПЕТРОВА

Градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, открива за весникот ВЕЧЕР кои се капиталните проекти што планира да ги реализира во наредниот период, до каде е реконструкцијата на значајниот пат Орешани – село Зелениково, како оди селекцијата на отпадот, но и што се презема за заштита на животната средина. Воедно, зборува и за тоа како се справуваат со пожарите, со оглед на тоа дека општината изобилува со шумски предели, но и што се презема да им го олесни престојот на викендашите во нивните викендички

Ќе ни откриете ли кои капитални проекти планирате да ги реализирате во наредниот период, а се од големо значење за жителите?

Прв приоритет, како проект од капитална инвестиција, ни е изградба на градинка со капацитет до 100 деца. Ова е дел и од предизборните ветувања што ги дадов и правиме сè во полза на негово исполнување, бидејќи, како родител на три деца, знам колку е важно децата од предучилишна возраст да бидат соодветно згрижени, без тешкотии за родителите и за остатокот од семејството. Искрено се надевам, пред сè како родител, а потоа како градоначалник, дека ова ветување, исто така, ќе стане реалност за брзо време. Следна капитална инвестиција што би сакале да ја оствариме е асфалтирање и поврзување на селото Пакошево со селото Таор. Проект од исклучителна важност како за жителите така и за потенцијалните инвеститори во Општината, бидејќи токму на тој реон се наоѓаат парцели предвидени за големи инвестиции. Асфалтирањето на патот до Гумалево ни е, исто така, подеднакво важен капитален проект, кој оди во полза не само на населението во Гумалево и околните села туку ќе служи и како алатка за развивање рурален туризам. И за крај, нешто што е доста посакувано и потребно за нашата општина е реконструкција на главниот цевковод и изнаоѓање решение за обезбедување сопствени капацитети на вода за домаќинствата. Веќе имаме доста поплаки од жителите за честите дефекти. Решавајќи ги овие два проблема, навистина ќе го подобриме стандардот на живеење во Зелениково.

До каде е реконструкцијата на патот Орешани – село Зелениково?

Реконструкцијата на патот Орешани – село Зелениково е во фаза на завршување, остануваат уште малку активности за да биде целосно готов. Проектот се одвиваше во неколку фази. За време на целата реализација, се погриживме да го известуваме населението за алтернативните патишта што се отвораа кога се реконструираа делови од патот и детално се погриживме за нивната проодност. Некои од алтернативните патишта беа отворени токму за потребите на проектот. Можам да кажам дека соработката беше одлична. Впрочем, земајќи ги предвид и периодот на работа, топлите летни денови и годишните одмори, сепак, постигнавме голем успех во однос на брзината на реализацијата. Вработените од Општината и комуналното претпријатие се координираа на таков начин што постојано имаше на располагање работна сила и лице присутно за време на градежните активности. Од главниот локален пат остануваат уште околу 1.000 метри, кои треба да се реконструираат. Веќе размислуваме и изнаоѓаме решенија за негова санација, која треба да се случи следната година.

На територијата на Општина Зелениково се поставени контејнери за електронска и за електрична опрема. Колку се користат тие од населението и има ли злоупотреби, во смисла да се одлага и друг вид отпад во нив?

Поставувањето контејнери за електронска иза електрична опрема беше овозможено од „Нула отпад“, секако, со наша соработка и желба да се придружиме во реализацијата на концептот „Zero waste” (нула отпад). Електричниот и електронскиот отпад и отпадните батерии дејствуваат како токсичен отпад, но нивното несоодветно третирање, уништување и депонирање доведува до испуштање тешки метали во воздухот, водата и во почвата, кои сериозно влијаат на здравјето на граѓаните и воопшто на квалитетот на животната средина. Овој отпад содржи екстремно токсични, често канцерогени супстанции, кои доведуваат до оштетување, пред сè, на мозокот, срцето, бубрезите, белите дробови, а влијаат и на зголемување на крвниот притисок и проблеми во репродуктивниот систем кај луѓето. Затоа е важно соодветно да се отстрануваат и елиминираат. Засега, контејнерите се користат адекватно и нема нивна злоупотреба. Напорите да се унапреди животната средина се приоритет за нас. Но, за жал, морам да истакнам дека и покрај напорите да се зачуваат и запазат новите објекти во Општината, независно за кои станува збор, некогаш доаѓа до нивни оштетувања поради девијантно однесување на поединци во Општината. Па така, и дел од контејнерите се цел на такви појави. Но, без разлика на тоа, стојам далеку од ставот дека токму поради тие причини не треба да се вложува, гради или/и урбанизира. Сметам дека сите можеме да научиме да бидеме луѓе и да се однесуваме во согласност со општествено-културните норми, кои се воспоставени. Секако, доколку нашите апели и труд не вродат со плод, ќе бидеме принудени да примениме определени санкции за да ги заштитиме нашите вложувања. Но, тоа не е само наша обврска, тоа треба да е колективен влог и напор на сите нас, особено на родителите на адолесцентите.

Општина Зелениково располага со противпожарно возило како резултат на потпишаниот договор со Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион. Познато е дека Општината изобилува со шумски предели. Дали ова возило е доволно за справување со пожарите и дали ќе се набавуваат нови?

Противпожарното возило е, можеби, еден од најдобрите проекти што ги реализирала Општината, секако, со поддршката од Скопскиот Плански Регион. За Зелениково и општините како Зелениково, да бидеш самостоен до одредено ниво е есенцијално. Изобилуваме со шумски предели, кои во летните периоди, неретко сме сведоци, брзо можеме да ги загубиме ако не се реагира навремено со мерки. Сметам дека едно возило засега е сосема доволно за нашите потреби, иако секогаш се надевам дека немаме да имаме такви потреби во иднина. Но, подобро е да се биде подготвен за секој случај. Возилото официјално сè уште не е во употреба од страна на Општината, чекаме тоа да биде правно овозможено. Во тој поглед, сакам да напоменам дека се преземаат и сите превентивни мерки навремено, се одржуваат состаноци со сите инволвирани страни од аспект на заштита од пожари. А, дополнително, на ниво на Општината се формираше и противпожарно здружение, кое има наша голема поддршка. Во текот на летните месеци, сите пожари на ниво на Општината беа брзо и успешно „поразени“ со помош на волонтерите и, секако, со брзата реакција на одговорните служби, за што ја користам можноста и јавно да им се заблагодарам.
*Со оглед на тоа дека во склоп на Општината има пулт за издавање дозволи за сеча на дрва, согласно со постигнатиот договор со ЈП „Национални шуми“, може ли да нè информирате колку вакви дозволи имате издадено за оваа сезона и како се справувате со проблемот со бесправната сеча?
Со ЈП „Национални шуми Караџица” и директорот Ѓерѓ Албани постигнавме договор со кој од 21.6.2023, па натаму, секоја среда од 8 до 13 часот, жителите на Општина Зелениково имаат можност на пријавницата од Општината да добијат дозвола за сеча. Општината, како локална самоуправа, нема премногу можности, ниту алатки како да се бори со бесправната сеча. Но, оваа мерка беше една превентивна мерка, помошна мерка со која се олеснува процедурата жителите полесно и легално да дојдат до дрва за огрев. Како дополнителна информација што ја имаме добиено од претпријатието е дека бројот на издадени дозволи за сеча на ниво на Општината е драстично зголемен во споредба со претходната сезона.

Со „Зелена република“, во рамките на проектот „Градот за селото, селото за градот“, потпишавте меморандум за соработка и со тоа се обврзавте заедно да ги промовирате социјалното претприемништво, органското производство, одржливиот рурален равој и зелената агенда. Што реализиравте досега на тој план?

Во склоп на таа соработка, имавме две обуки за населението, кои обработуваа теми од аспект на органското производство и лиценцирањето. Во иднина ќе има и нови проекти и обуки, кои ќе служат за поттик и мотивација на населението за одгледување земјоделски култури на органски начин. Дефинитивно, жителите треба да ги искористат можностите за живот во Општина Зелениково и плодното земјиште на целата територија. Се надеваме за успешна и плодна соработка со „Зелена република“, но и со други здруженија, кои би ни помогнале во остварувањето на нашите цели.

Кои се вашите активности во областа на животната средина?

Имаме солиден број активности токму во областа на животната средина, со самото стапување на функцијата, исчистивме диви депонии, поставивме табли со еколошки пораки, контејнери за селекција на отпад, насадивме многу садници и растенија на територијата на Општината, уредивме повеќе зелени површини и, генерално, се трудиме да ја будиме еколошката свест кај населението преку различни проекти и активности во соработка и со ЦОУ „Марко Цепенков”.

Вие сте претседател на Советот за социјална заштита на Скопскиот Плански Регион. Кои се вашите заложби на ова поле во Општината?

Во областа на социјалната политика, во соработка со Здружението „Мојот пат“, имаме проект преку кој се отвори канцеларија за услуги за информирање и упатување на граѓаните за правата од социјалната заштита и расположливите социјални услуги, првична проценка и упатување до други институци, со цел остварување непречен пристап до правата и услугите. Освен тоа, вработените во канцеларијата нудат и услуги во домот, услуги за обезбедување помош и нега во домот на лице со привремено или трајно намален функционален капацитет, со цел овозможување лицето да продолжи да живее во сопствениот дом и превенција на потребата од вонсемејна заштита. Услуги во домот може да користи и корисник на правото на надоместок за помош и нега од друго лице од овластен давател на услуга во домот.

Општина Зелениково е една од најатрактивните за викендашите. Колку викенд-куќи има на територијата на вашата општина и на што најчесто ви се жалат овие „повремени“ жители на Зелениково? Зошто таксата за комунален отпад е иста за оние што се со постојано место на живеење во Зелениково и за викендашите, кои престојуваат во викенд-куќите, можеби, само од три до пет пати во годината на ден два?

Зелениково сè повеќе станува општина на нерезидентно население и викенд-жители, што, за нас, е, искрено, голем комплимент, затоа што тоа значи дека Општината е оаза на мир и зеленило. Најчесто, жителите имаат поплаки во односна инфраструктурните услови. Се трудиме да направиме баланс и да вложуваме и во тие маала. Последен проект што го имплементиравме, а директно ги засега викенд- жителите на Општината, е асфалтирање на локален пат кој е од голема важност за Општината како пат што ја поврзува индустриската зона „Џамбовица” со регионалниот и главен локален пат. Тој пат е најмногу користен и најмногу потребен на викенд-жителите во Општинатa.