-Не е работата во тоа дали филмот во кој сте глумеле постигнал успех, работата е во тоа да ве радува тоа што се случува уметност и никогаш да не се задоволите со производот. Всушност, да не ве полакоми успехот, а и премногу да не ве разочара неуспехот. Тоа вечно трагање е најубавото во оваа работа – вели за весникот ВЕЧЕР хрватскиот актер Горан Богдан. Со него разговаравме непосредно пред стартот на „КинеНова“, фестивалот на дебитантски филм кој годинава се отвори со „Чичко“, остварување во кое Горан Богдан, покрај Мики Манојловиќ, толкува една од главните улоги

 

Хрватскиот филмски и театарски актер Горан Богдан во моментов е еден од најпопуларните и најангажирани глумци во регионот. Иако неговиот филмски и театарски опус е голем, а глумел и во американската серија „Фарго“, како и во серијата „Последните пантери“ што е европска продукција, македонската публика го препознава по улогата на контроверзниот лик Мустафа Голубовиќ во серијата „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ, филмот „Татко“ што имаше голем успех во регионот и пошироко и серијата „Мочуриште“, каде што го гледавме како инспектор Никола Крсмановиќ. Вели, го сака Скопје, но, исто така, го сака и целиот овој наш регион. Во моментов, ги снима третата сезона од серијата „Сенки на Балканот“ и „Мочуриште“.

 

Во Скопје дојдовте по повод отворањето на фестивалот „КинеНова“, кој стартуваше со филмот „Чичко“, во кој глумите заедно со Мики Манојловиќ. Како е да се глуми со еден ваков актерски бард, стар волк во својата професија? Дали имавте трема независно што сте веќе познат и признат актер и каква, всушност, беше соработката со Манојловиќ?

Јас го знам Мики отпорано. Тогаш не се случи соработка, но бевме заедно на филмските работилници и се познаваме. Јас бескрајно го почитувам. Тој е една од причините зошто се занимавам со оваа работа. А по повод тремата… Па тремата е постојано присутна околу секој проект, па така и околу овој. Не е работата во тоа Мики да ми создава трема. Таа трема е сеприсутна независно со кого глумам. Дури тој ми беше олеснителна околност. Знаејќи дека го имам него покрај себе, автоматски ми беше полесно. Тоа ми причинуваше поголема радост и тој ми беше некаков патоказ, поддршка. Мики е толку добар партнер, едно генијално актерско суштество. Едноставно многу е понизен, не се однесува како ѕвезда, туку како вечно млад актер.

 

„КинеНова“ е фестивал на дебитантскиот филм. Дали се сеќавате на Вашиот прв филм во кој имавте главна улога? Дали тоа беше „Соња и бик“, филм кој доживеа огромен успех во Хрватска и е еден од најгледаните во изминатите десет години? Какво беше чувството и дали успехот на тој филм ја одреди и Вашата понатамошна кариера како актер, со оглед дека првата Ваша професионална определба беше, всушност, економијата?

Да, во филмот „Соња и бик“ ја имав мојата прва главна улога. Во тој и во црногорскиот филм „Момчињата од улицата Маркс и Енгелс“. Не е работата во тоа дали тој филм постигнал успех, работа е во тоа да ве радува тоа што се случува уметност и никогаш да не се задоволите со производот. Всушност, да не ве полакоми успехот, а и премногу да не ве разочара неуспехот. Тоа вечно трагање е најубавото во оваа работа. Јас така размислувам, така размислував и додека студирав економија, и сè додека така размислува, човекот е млад и здрав.

Со оглед на прилично завидниот број снимени регионални филмови и серии, дали имавте можност да соработувате  со македонските актери и какво искуство имавте со нив. Глумевте во „Сенки над Балканот“, каде што беше ангажиран и Тони Михајловски, во серијата „Мочуриште“ глуми Сара Климовска… Во српските серии е ангажиран и нашиот познат актер Никола Ристановски…

Тие ми се големи пријатели. Еве, вчеравечер, се слушнав со Никола и треба да се видам со него. Сега снимав филм со Никола во Црна Гора, на Иван Мариновиќ. Сара и Јана ми се големи пријателки и јас ги сакам многу. Имате прекрасна кинематографија, одлични актери и мислам дека треба да го продолжиме она што е нужно, да соработуваме и заедно да работиме. Мислам дека копродукциите се иднината на нашите региони. Ние, сами по себе, сме многу мали и тоа често создава ароганција, а мислам дека уметноста се бори против неа и тежнее кон вистината. Затоа мислам дека е супер што соработуваме и јас се радувам и сметам дека нè очекуваат уште многу заеднички проекти.

Со оглед дека сте театарски, филмски и телевизиски актер, a сте глумеле и во американска серија, каде најдобро се снаоѓате, кој е Вашиот прв избор и зошто?

Јас не го делам тоа така, туку по она што е добро. Не ми е битна формата, битна ми е содржината на она што го работам. Јас моментално повеќе снимам, но и понатаму љубовта кон театарот и кон филмот е истата онаа љубов што ја чувствувам кон книжевноста, музиката, кон ликовната уметност. Битно е да е поинакво, да е ново, да ме инспирира. Тоа се моите рамки, тоа се моите форми кон кои тежнеам.

Како решавате која улога ќе ја прифатите, а која не?

Секогаш постои несигурност да се прифати или не некоја улога, но таа несигурност е составен дел од работата и секогаш ќе ја има. Мислам дека е добро да постои несигурност, таа ве приземјува, ве чини присутни. Не постои механизам за избор, секако, сценариото е пресудно. Во случајот со филмот „Чичко“ немаше сомневање за прифаќање на улогата. А, публиката секаде е иста, дали во регионот или во Европа. Таа ја препознава чистотата, ја вреднува нашата разиграност во филмот. Ние се занимаваме со оваа работа, дел сме од таа машинерија за да ја одржиме таа чистота и што подолго да си играме и да бидеме чесни во тоа. Тоа нè одржува млади.

Дали се запознавте со некој од македонските режисери и нивната работа, на пример Милчо Манчевски, и дали би соработувале со него доколку Ви биде понудена улога во некој од неговите наредни филмови?

Се подразбира. Јас го обожувам Милчо, како и младите македонски режисери. Се запознавме на неколку фестивали. Јас би ја дал раката Милчо да ме повика во свој филм и никој не би бил посреќен од мене да се случи тоа.

Во „Сенки над Балканот“ и во „Време на зло“  глумевте историски личности. Кој лик, всушност, би бил посебен предизвик за Вас?

Јас сум голем љубител на книжевноста, така што секојпат читајќи, наидувам на некој таков лик. Во книжевноста, која ја сакам, наоѓам и инспирација. Секоја книга е психоанализа. Добра книга е еден проживеан живот, така што јас ги замислувам тие ликови додека ги читам. И голем е бројот на таквите ликови благодарение на добрата книжевност која паметно ги сецира стварноста и животот на тие луѓе. Јас би играл лик од кој бил добар писател, бидејќи тие писатели гледаат низ овие мембрани и ги имаат тие подлабоки филтри.

Филмот „Татко“ во кој  го играте главниот лик, имаше голем успех. Дали ова Ви беше една од потешките улоги за подготовка со оглед дека сè уште не сте родител, но успеавте да ги доловите чувствата, кои публиката ги препозна?

Колку што знам, сè уште не сум родител, ха, ха. Тој филм не беше тежок затоа што покрај себе имав, сега можам да кажам, семејство, пријателот Срдан (Голубовиќ, режисер на филмот) и неговата сопруга Јелена, и ние се зближивме за време на процесот. Но, имајжи го него и работејќи на таков филигрански суптилен начин, ништо не е тешко. Тешко ми е кога не се работи, кога „виси“ нешто, бидејќи се чувствувам несигурно. Филмот „Татко“ ми беше благослов и ништо тука не ми беше тешко. Таквата тежина ме прави да лебдам, да бидам лесен. Тежина ми е ова другото, кога сè е површно, кога сум исплашен, тоа ми е тешко. Да се долови улогата, тоа е работа на посматрање, на учење, на слушање и ништо не е тешко. Независно што јас сè уште не сум татко, јас сум син, брат, така што сите тие емоции се секаде околу мене. Љубопитноста е клуч и тогаш нема тежина. „Татко“ ми е најлесниот филм што го работев.

 

За крај, сметате ли во денешните серии и филмови што се снимаат има непотребно многу насилство, голи сцени, сцени на секс, употреба на дрога… а многу помалку се прикажани вистинските вредности?

За жал, мислам дека стварноста е таква. Фала му на Господа, јас верувам во тие вистински вредности, но не е сега работата да се разубавува овој свет преку уметноста. Јас не го гледам филмот низ формата, дали тоа е голотија или насилство. Тоа е само средство со кое нешто се опишува. Тоа е исто како да кажеме дека е многу од сината боја. Некој така го гледа светот. Авторот има право така да го види и тоа е единствената вистина. За жал, живееме каде што живееме. Во Македонија е исто како во Србија, Босна и Хрцеговина, во Хрватска. Живееме како во онаа клетва: да даде Господ никогаш да не живееме во поинтересни времиња. Ние секогаш сме во некои интересни времиња. Живееме во корупција, насилство и тоа е некаков рефлекс на општеството, кое, можеби, ние самите го чепкавме да реагира на тој начин. Добар дел сме самите виновни, другиот дел е, веројатно, повисока сила. Јас верувам во подобро општество. Јас сакам тоа да биде подобро. Некогаш треба да се покаже со прстот во раната, чисто поради тоа таа да се исчисти. За да не продолжи понатаму да гнои и да ни го труе организмот. Мислам дека серијата „Мочуриште“, од авторите, топли и добри луѓе како што се Милена Марковиќ и Олег Новковиќ, го покажува тоа што ни пречи сите нам. И некогаш е потребно храбро да се покаже таа гнојна рана за луѓето да видат како стојат работите. Бидејќи ако ни скапува ногата, а ние не го гледаме тоа – имаме проблем.

Даниела ТРАЈКОВСКА