Поранешниот НБА-кошаркар Делонте Вест (38) се врати на улиците. Тој не се снајде по завршувањето на професионалната кариера, и заврши како бездомник. Беше фатен како проси и набрзо стигна помош од пријателите, но залудно.

Се чинеше дека неговиот живот, конечно, оди во вистинската насока. Тој дури почна да тренира за да игра во Биг 3 лигата, но повторно заврши на улица и моли за пари.

Јутјубер го пронашол на улиците на Александрија, Вирџинија, каде што Вест накратко му се отворил. Тој му признал дека има психички проблеми.

  • Имам психички проблеми, го губам сеќавањето. Понекогаш заборавам дека сум играл кошарка – му рекол несреќниот Вест.

Претходно тој истакна дека просењето е единствениот начин да го преживее ова тешко време.

  • Тоа е што е. Имам деца, чекам нова работа. Луѓето може да ми помогнат колку што можат, но, како маж, морам да се грижам за моите деца – истакна еднаш Вест.

Во својата осумгодишна кариера во НБА, играше за Селтикс, Суперсоникс, Кавалирс и за Маверикс. Накратко беше во Кина и во Г-лигата, каде што ја заврши кариерата во 2015 година.

Во својата НБА-кариера, 193 сантиметри високиот кошаркар имаше просек од 9,7 поени, 2,9 скока и 3,6 асистенции на натпревар.