„Ќе ја чувам и ќе ја носам вратоврската со македонското сонце насекаде во светот и ќе ја раскажувам креативната приказна на Вероника Љоровска“. Ова, меѓу другото, го истакна претседателот Стево Пендаровски кој, заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, завчера ја посети првата самостојна изложба на Љоровска, студентка на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, која е лице со церебрална парализа и која самостојно, под менторство на проф. д-р Јана Манева-Чупоска, ги наслика делата од уметничката поставка насловена „Мојот свет во боја“, отворена во галеријата „КО-РА“ при ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје

Претседателот Стево Пендаровски, заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, ја посети првата самостојна изложба на Вероника Љоровска, студентка на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, која е лице со церебрална парализа и која самостојно ги наслика делата од уметничката поставка насловена „Мојот свет во боја“, отворена во галеријата „КО-РА“ при ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Во рамките на оваа камерна изложба организирана по иницијатива на проф. д-р Јана Манева-Чупоска, со идеја да им се даде поддршка на лицата со посебни потреби како еднакви граѓани во нашето општество и нивното право на високо образование, се одржа и ликовна работилница на која Љоровска го наслика македонското сонце на вратоврската на претседателот.

„Ќе ја чувам и ќе ја носам вратоврската со македонското сонце насекаде во светот и ќе ја раскажувам креативната приказна на Вероника Љоровска“. Ова, меѓу другото, го истакна претседателот Пендаровски, кој на социјалните мрежи го сподели и видеото од посетата над кое напиша: „Кога со многу љубов и упорност им се пркоси на предизвиците, се создава уметност која е единствена како Вероника“.

Присутните имаа можност да проследат четириесетина дела изработени во повеќе димензии и техники: молив, јаглен, туш, фломастер, темпера, колаж, асамблаж.

„Благодарни сме за посетата на претседателот Пендаровски, бидејќи сметаме дека овој чин е многу важен како поддршка. Вероника имаше можност да поразговара со претседателот и да му го каже своето мислење во однос на тоа како се чувствува на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, кои се придобивките од образованието што ги добива како студент на втора година и кои се нејзините можности за работа по завршувањето на студиите. На претседателот му кажавме дека таа целосно самостојно ја реализираше изложбата, што е голем напредок за лице со церебрална парализа. Вероника кажа дека е подготвена, доколку има потреба во иднина за проекти што би произлегле од Кабинетот на претседателот, да изработи плакат, како студент на отсекот Графички дизајн. Со тоа се отвори можност и за идна соработка“, посочи проф. д-р Манева-Чупоска. Таа ѝ изрази голема благодарност и на сопругата на претседателот Пендаровски, за поддршката и нивната отвореност за граѓаните.

„Посетата на изложбата на скромно девојче со скромни желби е и голем поттик на она што го работи и претставува силна порака од човечки аспект дека треба да си помагаме и дека треба да им се даде поддршка на овие лица, бидејќи нивните барања се многу скромни“, додава проф. д-р. Манева-Чупоска.

Вероника која наслика сонце, кое е симбол на топлината и на светлината, претходно истакна: „За мене, уметноста претставува изразување и начин на комуникација. Не е попусто кажано, една слика вреди илјада зборови. Понекогаш можеме да го кажеме со слика она што го чувствуваме и да биде посилно од зборовите“.

Од галеријата „КО-РА“, пак, посочија дека претставници од Европскиот универзитет – Скопје и од Кабинетот на претседателот на државата непосредно биле вклучени во оваа благородна посета, која воедно беше и повод за една интерактивна ликовна изведба во чии рамки беше создадено дело кое „воедно ја афирмира и нашата култура и историја преточена во симболот на сонцето“.