Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, по средбата во Бугарија со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, очекува Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје. Но, бугарскиот премиер Петков ја нарече лажна веста дека сам се обврзал да го укине ветото за македонските преговори со Европската Унија. МНР, пак, позитивно го оценува Извештајот за напредокот на земјава на ЕП иако во него влегоа и три амандмани, за историското помирување и „заедничка историја“ со Бугарија, како и оценката дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу Скопје и Софија.

Еврокомесарот Вархеји по средбата со бугарскиот државен врв, вчера, на Твитер напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија.

„Интензивна средба со министерката Теодора Генчовска во Софија. Разговаравме за директните последици од војната во Украина за Западен Балкан и пошироко. Работиме на заемно прифатливо решение за да можеме да ги започнеме преговорите со РС Македонија и Албанија со одржување на меѓувладина конференција во јуни. Го ценам отворениот дијалог со бугарскиот претседател Румен Радев. Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно. За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички основа и поддршка од Бугарија, за да го започнеме преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни“, напиша еврокомесарот Вархеји.

Премиерот на Бугарија Петков негираше дека сам се обврзал да ја крене рампата за преговорите на Македонија со ЕУ, бидејќи за тоа одлука носи Парламентот.

„Ако има договор со Северна Македонија, МНР треба да ја извести Владата, Коалицискиот совет и Парламентот да одлучи. Премиерот не може самостојно да носи одлуки“, рече Петков.

Бугарскиот премиер најави дека ќе ја предводи бугарската делегација во Рим на 24 мај, бидејќи сакал на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј да демонстрира единство со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и тоа да послужи како знак за симнување на ветото на Скопје.

Во меѓувреме, вчера европските парламентарци со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на земјава на известувачот на Европскиот парламент, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, усвојувајќи притоа и некои од контроверзните амандмани. Во извештајот се поздравува реформскиот напредок на земјата и се инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. Но, во усвоената верзија се вклучени и некои од контроверзните амандмани, како оние за „историско помирување и заедничка историја“ со Бугарија и оценка дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021.

Министерството за надворешни работи, пак, го поздрави усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, посочувајќи дека како и досега, европратениците упатија јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и итно започнување на преговорите за членство на земјава во ЕУ. Според МНР, особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан  и нивната иднина како дел од Европското семејство.

„Го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите на пристапниот процес. Парламентот исто така го препознава реформскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ“, се наведува во соопштението на МНР.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, оцени дека нацрт-резолуцијата на ЕП за напредокот на земјава за 2021 година не е директно поврзана со ветото, туку тоа е став на ЕП, додека одлуката за вето ја носи Советот на ЕУ.

Во последно време како алтернатива на проширувањето на Унијата сè почесто се спомнува идејата за некаква европска геополитичка заедница, но македонските власти, сепак се надеваат дека и покрај ваквите најави процесот на проширување нема да биде засегнат.

Амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, во четвртокот во Скопје изјави дека нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширување за Западен Балкан. Во меѓувреме, за првпат во средата и Европската комисија се изјасни за временски рок за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија, при што еврокомесарот Дидие Рејндерс повика преговорите со двете земји да започнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни.

(И.С.)