Изложба: „Македонски стрип“ во Србија

128

Македонската стрип-сцена преку изложбата „Македонски стрип“ во галеријата при Центарот за култура во Ваљево, беше претставена во Србија.

Изложбата е дел од официјалната програма на третиот „Ваљевски стрип-фестивал“, а на неа со свои дела беа застапени повеќе македонски автори. Селектор и промотор на македонските стрипови е Томе Трајков, координатор на Стрип-центарот на Македонија.

„Избрани се стрипови од разни генерации, меѓу кои и на прерано починатиот бард на македонскиот стрип Љупчо Филипов. Доминираат стрипови од актуелните македонски автори што изложувале на Меѓународниот стрип-салон во Велес и во магазинот ‘Креатор’, единственото постојано стрип-издание кај нас“, вели Трајков.

Ова е едно од ретките групни организирани претставување на македонската стрип-сцена надвор од државните граници. Последен пат македонскиот стрип гостуваше во странство во 2013, кога во Лесковац, на Балканската смотра на млади стрип-автори, беше поставена изложбата насловена „Македонскиот стрип денес“.